Зеленски во петокот изјави дека Русија се обидува да ја вовлече Белорусија подлабоко во својата војна во Украина и дека разгледува планови за напад врз северна Украина или врз членка на НАТО од Белорусија, пишува Ројтерс.
На прашањето за обвинувањето на Зеленски, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече: „Таквата изјава не е ништо повеќе од обид за понатамошно поттикнување на тензии со цел продолжување на војната и ескалација“. Тој додаде: „Не веруваме дека таквата изјава заслужува каков било коментар“.
Белорусија се граничи со Украина на југ и со членките на НАТО Полска, Литванија и Латвија на север и запад. Властите во Минск ѝ дозволија на Русија да ја користи белоруската територија како почетна точка за инвазија на Украина во 2022 година, а руско тактичко нуклеарно оружје е распоредено во земјата.
Белоруското Министерство за одбрана во понеделник објави дека нејзините вооружени сили, во соработка со Русија, започнале вежба за тестирање на подготвеноста на војската за распоредување нуклеарно оружје. Во соопштението за медиумите се наведува дека вежбата не е насочена против која било друга земја и не претставува безбедносна закана во регионот.






