„Би сакал да им честитам на Газпром и нашите партнери во Северен тек 2 на завршувањето на работите и создавањето на оваа голема рута која е спремна за работа“, кажа Путин на состанок на владата, на кој присуствувал и шефот на Газпром Алексеј Милер.
Путин кажа дека пуштањето на Северен тек ќе ги намали цените на гасот во Европа и во Украина, бидејќи ќе ѝ ги зголеми резервите.
„Ова, секако, веднаш ќе се одрази на цените на пазарот. А сите оние земји, потрошувачите во земјите кои користат руски гас, исто така ќе го почувствуваат тоа“, кажа рускиот претседател.
Цените на гасот достигнаа рекордни нивоа во текот на годината како резултат на економското опоравување и зголемената побарувачка за енергенси.
Одделни политичари и експерти ја обвинуваат Русија дека го ограничила извозот на гас за да го зголеми притисокот врз Западот додека го чека регулаторното одобрување од Германија за пуштање во работа на Северен тек 2, и во светло на кризата околу Украина.
Цените на европскиот гас дополнително се качија откако месецов гасот во гасоводот Јамал-Европа, уште една голема рута за рускиот гас, почна да тече во спротивна насока кон исток.
Гасот во Јамал и вчера, деветти ден по ред, течел од Германија кон Полска и Украина, покажуваат податоците на германскиот оператор Гаскејд.
Северен тек 2 беше завршен во септември но чека регулаторно одобрување од Германија и Европската Унија, додека се соочува со отпор на САД и други земји, кои тврдат дека ќе го зголеми влијанието на Русија во Европа.






