Министерството за здравство соопшти дека 2,48 отсто од тестовите во вторникот биле позитивни. Вчера во земјата имало 17.260 активни случаи, двојно повеќе од пред една недела.
Израелскиот Канал 12 во вторникот вечер, цитирајќи висок функционер на Министерството за здравство, објави дека се размислува за премин на модел на масовна инфекција.
Овој модел наликува на епидемиолошката политика на Шведска во раните фази на пандемијата, кога земјата одлучи да не наметнува големи ограничувања за оние кои не се во ризичните групи, а притоа се обидува да продолжи со нормален тек на животот се додека не се постигне колективен имунитет.
Иако оваа политика беше наречена неуспешна, па дури и напуштена од Шведска, израелските власти одлучија да размислат за овој модел како одговор на пандемијата поради сè поголемиот број случаи од варијантата омикрон која предизвикува поблаги симптоми на болеста, пишува Тајмс оф Израел.
Официјалните лица процениле дека во рок од две недели, 90% од случаите на зараза со ковид ќе бидат од омикрон.
„Петтиот бран може да заврши кога ќе се заразат голем број луѓе“, рече имунологот Сирил Коен, раководител на Имунолошката лабораторија на Универзитетот Бар-Илан.
Израел го реши проблемот со првиот и вториот бран со карантин. Третиот бран заврши по силна кампања за вакцинација, а четвртиот со бустер доза. Но, прашањето е што може да го запре бранот предводен од омикрон, наведе Џерусалим пост.
„Бидејќи омикрон е толку заразен, изгледа залудно да се обидуваме да го спречиме неговото ширење. Нема да го запреме овој бран. Она што можеме и треба да се обидеме да го направиме е да ги заштитиме што е можно повеќе ранливите групи граѓани“, рече Хагаи Левин, претседател на Израелското здружение лекари на јавно здравство.
Коен рече дека не препорачува организирање ковид-забави или каков било обид некој намерно да се зарази со ковид-19, но сведочиме на тоа дека поголемиот дел од човештвото е сè уште живо по зараза со ковид-19.
Во меѓувреме, Левин вели дека треба да се престане со размислувањето за бранови и наместо тоа да се работи на зајакнување на имунитетот на заедницата со инвестирање во мерки за јавно здравство и поттикнување на програмите за вакцинација.
„Не треба да наметнуваме строги мерки. Не треба да ги затвораме училиштата. Не треба да имаме карантини. Не треба да ги затвораме аеродромите. Мерките треба да бидат пропорционални“, рече Левин.






