понеделник, 27 април 2026

Премиерот на Австралија: Мора да научиме да живееме со ковид

Објавено на

часот

Сподели

Додека повеќе од половина од сите Австралијци се во карантин за да го спречат ширењето на мошне заразната делта варијанта на коронавирусот, Морисон рече дека земјата треба да продолжи понатаму и мора да започне со намалување на ограничувањата со вакцинирањето на сè повеќе луѓе.

„(Затворањето) не може да трае вечно. Ова не е одржлив начин на живот во оваа земја“, рече тој на прес-конференција во Канбера пренесувана на телевизија.

Изјавата на Морисон доаѓа по појавата на разлики помеѓу државите кои сакаат да го задржат фокусот на контрола на вирусот и најголемата држава Нов Јужен Велс, која бара излез од блокадата преку вакцинација по големата епидемија на делта варијантата.

Сојузната влада минатиот месец објави четирифазен план за ублажување на ограничувањата откако 70 проценти од 25 милиони луѓе постари од 16 години ќе се вакцинирани.

Кога 80 проценти од луѓето ќе се вакцинираат, ќе бидат потребни само одредени затворања, а вакцинираните Австралијци би можеле слободно да патуваат меѓу државите.

Западна Австралија и Квинсленд, каде воглавно нема коронавирус, рекоа дека би можеле да задржат некои ограничувања дури и откако ќе се постигнат целите за вакцинација.

Во понеделникот, Нов Јужен Велс пријави 818 случаи, повеќето од нив во Сиднеј, нешто помалку од рекордните 830 претходниот ден.

Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Береџиклиан ги повика граѓаните помалку да се фокусираат на случаите, а повеќе на имунизацијата.

„Откако ќе имате 80 проценти со две дози, секоја држава ќе мора да живее со ковид. Не може засекогаш да ја држите делта надвор“, рече таа.

Во Викторија, се откриени 71 нов случај, а 55 од нив престојувале во заедница додека биле заразни, за што државниот премиер Даниел Ендрјус рече дека може да ги наруши плановите за излез од блокадата на 2 септември.

Иако Австралија управуваше со пандемијата подобро од многу други развиени земји, бавното воведување на вакцината го симна сјајот од претходниот успех.

Во целата земја, 30 проценти од луѓето на возраст над 16 години се целосно вакцинирани, додека 52 проценти добиле барем една доза.

Вакцинацијата се одвива со рекордна брзина, но целта од 80 проценти целосно вакцинирани нема да се постигне до декември, како што стојат работите сега.

Австралија пријави нешто повеќе од 44,600 случаи. Имаше 984 смртни случаи, иако стапката на смртност е намалена од минатата година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ