Во други околности, службениците би ги поздравиле ваквите сцени. Но, за Харис Дукас, социјалистичкиот градоначалник кој е решен да го врати пренатрупаниот центар на главниот град на неговите граѓани, почетокот на туристичката сезона го доведува поголемиот дел од историското јадро на градот во опасност од „презаситеност“. Цели населби, верува тој, се во опасност да ја изгубат својата автентичност поради неконтролираниот туристички развој.
„Атина не може да функционира како огромен хотел“, рече тој во интервју, според Гардијан.
„Треба да има ограничувања и правила. А градовите треба да имаат право на глас во начинот на кој се развиваат“, рече Дукас.
Минатата година, повеќе од осум милиони луѓе ја посетија Атина, рекорд за метрополата која до неодамна се сметаше за попатна станица на патот кон грчките острови. Само во сегментот на краткорочно изнајмување, бројот на ноќевања во популарниот кварт Плака, под Акропол, се зголемил повеќе од двојно од 2018 година, според неодамна објавена студија нарачана од општината.

Во неокласичното градско собрание, службениците велат дека времето е од суштинско значење ако Атина не сака да стане жртва на сопствениот успех. Предупредувачките знаци се насекаде: од вртоглаво зголемените кирии што ги истиснуваат локалните жители до преоптоварена инфраструктура што попушта под притисокот.
„Цела Атина е раскопана за да можеме да преживееме“, рече Дукас, кој беше професор по климатска енергетика пред да влезе во локалната самоуправа.
„Градиме електроенергетска инфраструктура, водоводни системи, нова канализација, 5Г мрежи. Кога имате околу 700.000 жители и осум милиони посетители, притисокот е огромен“, рече тој.
Тој рече дека „секој месец се ангажира повеќе персонал, повеќе опрема, повеќе машини“ за да се справат со предизвиците.
Дукас ја презеде функцијата во 2024 година, откако оствари неочекувано убедлива победа со поддршка на главната опозициска партија ПАСОК, ветувајќи дека ќе го „озелени“ она што се смета за најжешкиот главен град на европскиот континент. Се проценува дека 3.855 дрвја се засадени во историскиот центар на општината, кој зафаќа површина од 39 квадратни километри, под неговиот мандат.
Но, како што расте привлечноста на Атина, градоначалникот се најде во директен конфликт со силите што отворено ги обвинува за „неконтролиран развој“ на главните туристички локации. Дукас конкретно го насочи вниманието на градежните компании решени да градат високи згради во подножјето на Акропол од петтиот век п.н.е., како и на инвеститорите во недвижности и на претприемачите. На мета исто така му беа и се побројните, често нелиценцирани барови на покриви и ресторани.
Битката се интензивираше оваа недела, а Дукас за Гардијан изјави дека ќе употреби нацрт-закон за туристичка намена на земјиште, за кое моментално се дискутира, за да побара целосна забрана за нови деловни активности во историскиот центар на градот.
„Ќе ги запреме сите туристички инвестиции во Плака, која сум решен да ја спасам. Нема повеќе простор. Ниту за краткорочни изнајмувања, ниту за апартмани со услуга, ниту за хотели, ниту за каква било друга туристичка намена. Областа е презаситена“, рече тој.
„Сакаме да кажеме „доста е“ во закон кој ќе биде правно обврзувачки“, рече Дукас.
Инвеститорите, рече тој, треба да се свртат кон други, „помалку заситени“ делови од главниот град.
Градоначалникот исто така ја предложи идејата за замрзнување на градежните дозволи за нови хотели. Тоа би следело по слична забрана наметната од централно-десничарската влада, ограничувајќи ги краткорочните изнајмувања во населбите со поглед на Акропол.

За негово изненадување, оваа недела доби поддршка од неочекуваа страна. На настанот посветен за промоција на главниот град во вторник, шефот на моќното хотелско здружение Евгениос Василикос, исто така, ја спомена можноста за ограничување на изградбата на хотели, наведувајќи го примерот на Барселона, која не издава дозволи за нови хотели од 2017 година.
„Не мора повтроно да измислуваме топла вода“, рече хотелиерот, додавајќи дека е време туристичкиот сектор во главниот град сериозно да размисли каде сака да биде за 10 или 15 години.
Градоначалникот рече: „Кога целиот центар на Атина се претвора во хотелска зона, не можам да бидам единствениот што го кажува тоа. Сега кога претседателот на хотелското здружение се изјасни, дебатата официјално започна. Атина не смее да стане новата Барселона.“
Дукас очигледно бил охрабрен од Хауме Колбони, неговиот левичарски колега во Барселона, кој неодамна објави целосна забрана за краткорочно изнајмување од ноември 2028 година, кога ќе бидат укинати дозволите за повеќе од 10.000 станови, во обид да го направи градот подостапен за живеење за неговите жители, според Гардијан.
И Атина и Барселона се меѓу 15-те градови чии градоначалници потпишаа Европски акционен план за домување, кој ја повикува Европската унија (ЕУ) да преземе решителни иницијативи за справување со кризата.
Како и Колбони, Дукас го опиша пристапот до прифатливи станови – кои се недостапни за многумина поради притисокот од краткорочните изнајмувања – како најголем проблем на општината.
„Отворивме канцеларија за социјално домување за да идентификуваме зградите и становите што можеме да ги реновираме со средства од ЕУ. Сакаме да ги охрабриме младите парови да останат во центарот. Додека другите градови се свртуваат кон бетон и облакодери, ние одиме во сосема поинаква насока, а тоа вклучува рушење згради за да се создаде јавен простор за паркови и игралишта. Атина е за нејзините луѓе. Не е само за оние кои сакаат да ја експлоатираат“, рече Дукас.






