вторник, 21 јули 2026

Поплава уништи град во Авганистан: Најмалку 20 загинати, повеќе од 100 исчезнати (ВИДЕО)

Во силните поплави што ја погодија авганистанската покраина Нуристан загинаа најмалку 20 лица, а повеќе од 80 се повредени. Државната агенција за управување со катастрофи во понеделникот потврди дека во главниот град на покраината, Парун, се бараат уште 105 лица, вклучувајќи го и градоначалникот. Информациите за исчезнатите ги потврди и Фераидон Самим, портпарол на гувернерот на Нуристан, објави Гардијан.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Новинарите кои го познаваат тој оддалечен североисточен регион велат дека пазарот, продавниците и другите објекти во Парун се наоѓале веднаш до брегот на реката. Ашикула Сафи, раководител на локална невладина организација, рече дека поплавата „целосно го уништила градот“, вклучувајќи хотели и десетици продавници. Според него, поројот оставил огромни карпи во градот, а жителите без никаква опрема се обидуваат да ги пронајдат исчезнатите.

Националната агенција за управување со катастрофи на Авганистан пријави „големи финансиски и човечки загуби“ во Парун. Спасувачките операции се во тек на терен за извлекување на повредените и телата на загинатите. Главниот портпарол на авганистанската влада, Забиула Муџахид, на платформата Икс потврди информации за смртни случаи и материјална штета во Нуристан.

На почетокот на овој месец, шефот на агенцијата за заштита на животната средина на Авганистан, Матиул Хак Халис, изјави дека поплавите во земјата стануваат сè почести. Тој рече дека еколошките проблеми „сериозно влијаат врз авганистанскиот народ и придонесуваат за хуманитарната криза во земјата“.

Екстремните врнежи од дожд станаа почести и поинтензивни во повеќето делови од светот поради климатската криза предизвикана од човекот. Потоплиот воздух може да содржи повеќе водена пареа, што доведува до посилни и поразорни поројни дождови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ