вторник, 21 јули 2026

Владата донесе одлука за намалување на акцизата на горивата, веќе се утврдени новите цени

На денешната вонредна седница Владата донесе Одлука за намалување на акцизата на нафтените деривати, а со тоа и намалување на цените на бензинот и дизелот, информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска преку објава на својот Фејсбук-профил. Таа посочи дека Владата продолжува со проактивен пристап во справувањето со последиците од кризата на Блискиот Исток.

Објавено на

часот

Сподели

„Внимателно ја следиме состојбата и реагираме навремено, со цел да ги заштитиме стопанството и животниот стандард на граѓаните“, наведе министерката во објавата.
Таа истакна дека со интервенцијата во акцизата ќе се придонесе за стабилизирање на цените на нафтените деривати, а индиректно и за одржување на стабилноста на останатите цени.
„Со ваков одговорен пристап ќе продолжиме и во наредниот период. Ќе ја следиме состојбата и ќе носиме навремени, конкретни и реални мерки за поддршка на економијата и граѓаните, со цел да го заштитиме животниот стандард и да ја зачуваме економијата, која од почетокот на нашиот мандат бележи тренд на забрзан раст“, наведува министерката во објавата.

Владата попладнево соопшти дека без оваа владина интервенција, согласно нивните пресметки, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу 4 денари по литар, додека со мерката се очекува зголемување од околу 3 денари по литар.
Кај дизел-горивото, без донесената Одлука на Владата цената би се зголемила за околу 8 денари по литар, додека со намалената акциза се очекува покачување од околу 6 денари по литар, соопшти Владата.

Бензините од ноќеска на полноќ ќе поскапат за 3, дизелот за 6 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Македонија (РКЕ). На денешната седница на РКЕ беа утврдени највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт: еуросупер БС 95 – 90 денари за еден литар, еуросупер БС 98 -92 ден/л, еуродизел БС (Д-Е V) – 94 ден/л, екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 93 ден/л, мазут М-1 НС – 45,373 ден/кг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ