вторник, 21 јули 2026

Мицкоски: Македонската економија заздравува, добрите времиња се пред нас

Продолжуваме да ги реализираме приоритетите што ги зацртавме како Влада. Наша стратешка цел е да успееме да го консолидираме системот онака како што мислиме дека треба да функционира, посебно зборувам за македонската економија, изјави претседателот на Владата на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Во делот на инфлацијата, за жал еве повторно имаме предизвици во Заливот. Повторно имаме воени дејства од големи размери. Пак имаме раст на цените на нафтата и на нафтените деривати на светските берзи, што секако за нас како Влада претставува предизвик. Денеска на вонредна владина седница ќе ја продолжиме кризната состојба. И во рамките на таа кризна состојба ќе ги намалиме акцизите за безоловните бензини и за дизел горивата. Со што колку-толку ќе влијаеме позитивно за граѓаните, а негативно за цената, бидејќи ќе се намали. Очекувам да продолжиме и понатаму да бидеме со убедливо најниска цена на бензините и на дизел горивата.

Голем дел од инвестициите што беа во процес на реализација, веќе почнуваат да се реализираат. Во следниве месеци ќе имаме можности да бидеме сведоци на сите овие проекти. Очекувам и во вториот квартал да имаме солиден раст на бруто домашниот производ, имајќи предвид дека во април градежништвото беше над 40%. Трговијата исто така е двоцифрена, раст имаме во туризмот. Буквално во сите сегменти и покрај, би рекол предизвикувачката состојба. Ќе биде тешко, но нема да очајуваме, ќе се бориме. Имаме план, сосема пристојно се полни буџетот, би рекол над нашите очекувања. Така што ликвидносно оваа година ја затвораме. Од страна на опозицијата, очекувам да продолжат предизвиците со креирање на невистини, со шпекулации… според нив требаше да банкротираме 2024, па не банкротиравме, па 2025. Еве повторно лоша вест за опозицијата, нема ни оваа година да банкротираме.

Платите ќе се зголемуваат во рамките на колективните договори, во рамките на законот и пензиите. Сите обврски ќе се исплаќаат онака како што е предвидено со Буџетот. Реализацијата на капиталните инвестиции, исто така е согласно планот. Знаете опозицијата нѐ убедуваше дека мигранти во април ќе шетаат низ Македонија, еве го јули завршува, немаме мигранти. Повторно на нивна штета, а за доброто на граѓаните. Ќе мораме тој фолклор и таа естрада да ја слушаме од опозицијата до следните избори, кога народот повторно ќе ги порази. И ова, конечно естрадно друштво коешто е лидерство во опозицијата, претпоставувам ќе замине од политичката сцена и ќе дојдат луѓе кои ќе направат една конструктивна структура којашто ќе се грижи за националните интереси. Ќе работи со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на градење на национални ставови од опозиција.

Очекувам дека годините коишто се добри и кога ќе ги почувствуваме сите овие резултати, допрва доаѓаат. Очекувам конечно да почне изградбата на брзата пруга, Коридор 10. Шест автопати во еден момент ќе се градат, еден го завршуваме. Така што имаме навистина голема реализација на приоритетите и во периодот што следи. Лично јас, заедно со ресорните министерства и министри и членови на Влада ги следам овие проекти, така што добрите времиња се пред нас“, изјави денеска Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ