Една од зградите на Кеј на Брегалница беше оштетена од невремето и оштетените делови од покривот претставуваат опасност за станарите, но и за минувачите. Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски вели дека нема повредени по невремето, а дел од жителите се евакуирани. Блокираните патишта се главно од паднати дрвја.
Според првичните информации на Регионалниот центар за управување со кризи Куманово, ветерот турнал неколку дрвја на различни локации во Куманово, меѓу кои „Благоја Илиев Гуне“, „Лесковачка“, „Октомвриска револуција“ и на други локации.
Ветерот турнал и кров од лим на улицата „Лесковачка“ и дрво на автопатот кон Скопје во близина на бензинска станица пред наплатна рампа Романовце, како и на стариот пат за Свети Николе.
Од РЦУК велат дека се известени екипите кои веќе се на терен. Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, рече дека екипите ги санираат паднатите гранки и дрвја од коловозите.
Невремето беше проследено со силен ветер, ситен град и врнежи.





