Чиро Киспе Лопез (51), поранешен бискуп на Хулио во Перу, се најде во центарот на истрагата на Ватикан, која вклучуваше разговори со три од неговите наводни љубовници. Клучен сведок беше неговата домаќинка, која им даде на истражителите детални описи за тоа што пронашла во спалната соба на бискупот.
Паола Угаз, перуанска новинарка која имала пристап до ватиканскиот документ за истрагата, откри неверојатни детали. „Калуѓерката, која била една од љубовниците на Киспе, била љубоморна на адвокатка со која бискупот исто така се гледал и ѝ испратила информации за неговите афери до трета љубовница која се скарала со адвокатката“, рече таа. „Тоа беше вистинска сапуница, но исто така откри и сериозна злоупотреба на моќ“, изјави таа за Тајмс. „Многу од 17-те жени биле премногу исплашени да се истапат бидејќи се плашеле од него.“
Истрагата на Ватикан беше покрената откако приказната првично ја истражи Кевин Монкада, новинар на перуанскиот весник Син Фронтерас. „Во април минатата година добивме информации дека една од наводните љубовници на бискупот практично се степала со друга млада жена“, изјави тој за публикацијата Хилдебрант. Додавајќи: „Случајот излезе на виделина бидејќи жените открија дека бискупот се гледа со неколку од нив истовремено, а тоа ги разбесни.“
Ватикан наводно прегледал бројни љубовни аудио пораки, фотографии и видеа што бискупот им ги испратил на жените. Перуанската публикација Инфобае објави дека самиот бискуп потврдил во една од пораките дека имал сексуални односи во својата официјална резиденција.
Според новинарката Угаз, Киспе направил фатална грешка кога погрешно испратил некои од компромитирачките видеа и фотографии, наменети за неговите љубовници, до неговата домаќинка. Таа веднаш контактирала со Католичката црква. Манкадо рече дека домаќинката видела женска коса во тушот на бискупот. Тој известил дека таа рекла: „Неговите чаршафи имаа дамки. Морав да го чистам сето тоа“. Од друга страна, бискупот ги негирал сите обвинувања, нарекувајќи ги клевета од страна на „мрачни раце“.
Киспе, кој беше назначен за бискуп од папата Франциско во 2018 година, исто така бил под истрага на Ватикан за наводна проневера на црковни средства. Угаз рече дека Ватикан истражува обвинувања дека Киспе отстранил столчиња од црковниот имот за да ги користи во пилешки ресторан кој бил дел од синџир во кој тој имал финансиски интерес. „Синџирот се вика Патас Ариба, фраза што значи „наопаку“, но буквално се преведува како „нозе во воздух“, вели Угаз.
Новинарката рече дека пред да ја напушти функцијата, Киспе бил предизвикан од група луѓе од домородната група Ајмара, кои тврделе дека тој проневерил средства од Обединетите нации наменети за поддршка на проекти во нивната заедница. „Тој ги врати парите, што е реткост во Перу, но тоа беше затоа што се заканија дека ќе го линчуваат, а Ајмарите се познати по тоа што си го одржуваат зборот“, рече таа.
Ова не е прв пат папата Лео да се справува со корупција во перуанската црква. Пред да биде избран за папа во мај, тој помина 20 години работејќи во Перу, истражувајќи секташка сексуална злоупотреба во религиозниот ред Содалициум Кристијанаи Вите. „Папата Лео е добро запознаен со тоа што се случува во перуанската црква“, рече новинарката.






