Анегдотата ја раскажал минатата недела неговиот близок пријател, пречесниот Том Мекарти, на собир на католици во Напервил, Илиноис, објави Њујорк тајмс.
Новиот папа се претставил како Роберт Превост и рекол дека сака да го промени својот телефонски број и адреса во евиденцијата на банката, раскажа пречесниот Мекарти. Потоа папата правилно одговорил на сите безбедносни прашања.
Сепак, вработената во банката му рекла дека тоа не е доволно и дека ќе мора лично да дојде во филијалата.
„Тој рекол: „Слушајте, во никој случај не можам да го направам тоа“, раскажал Мекарти за растечката фрустрација на новиот папа, што предизвика смеа кај публиката, како што се гледа во видеото споделено на социјалните мрежи. „Одговорив на сите ваши безбедносни прашања.“
Вработената се извинила, а потоа папата се обидел со поинаков пристап.
„Дали би ви значело нешто ако ви кажам дека сум папата Лео?“ прашал тој, според пречесниот Мекарти.
Потоа таа му ја спуштила слушалката.
Дури и додека тие водат повеќе од милијарда католици низ целиот свет и живеат во позлатен сјај опкружени со непроценлива уметност, папите понекогаш, случајно или намерно, можат да се заплеткаат во секојдневните сплетки. Во првите 24 часа од својот понтификат во 2013 година, папата Франциско, како гест на понизност кон свештенството, инсистирал сам да ја плати хотелската сметка и да го подигне багажот.
Папата Лео потекнува од скромно семејство во Долтон, мало предградие надвор од Чикаго. Пред да биде избран за папа пред речиси една година, тој служел како епископ во Перу и на влијателна позиција во Ватикан.
Пречесниот Мекарти потврди во е-пошта дека приказната за проблемите со банката е вистинита. Тој ја раскажа на едукативна средба за мажи и момчиња во црква во Нејпервил, зборувајќи за своето пријателство со папата Лео.
Мекарти е добро познат католички свештеник на јужната страна во Чикаго, августинец и директор во средното училиште Св. Рит од Кашија. Првпат го запознал папата Лео во 1980-тите во Чикаго, каде што двајцата пораснале во слични работнички населби. Тој го посетил и во Ватикан.
Портпаролот на Ватикан не одговори веднаш на барањето за коментар за инцидентот.
Проблемот на крајот бил решен преку интервенција на друг свештеник кој имал врска со претседателот на банката, рече Мекарти.
Што се случи со вработената кој го прекина повикот со најпознатиот клиент на банката е непознато.
„Можете ли да замислите да бидете запаметени како жената што му спушти слушалка на папата?“ заклучи Мекарти.






