Како што беше најавувано, резултатите требаше да стигнат на крајот на декември, но рокот од август годинава постојано се поместува.
Владата на Црна Гора исто така неодамна усвои барање за продолжување на периодот на истражувањата, а како што е наведено во самото барање доцнењата ги предизвикале оперативни и геолошки тешкотии на кои се наишло во процесот на дупчење, а кои се надвор од контролата на концесионерот.
Министерот на црногорската влада Младен Бојаниќ кажа дека почетниот оптимизам на компаниите Ени и Новатек со време спласнал.
„Во подоцнежната фаза не се покажа баш така. Тие дојдоа до бушотината до крај, собрани се примероци. Тоа сега е во Милано и чекаме нивно официјално соопштение дали има нафта, во кое количество, дали е исплатлива експлоатацијата или се откажува од дупчењето“, изјави Бојаниќ.
До сега владата на Црна Гора потпиша два договори за концесија за истражување и производство на нафта и гас: првиот со конзорциумот Ени-Новатек во 2016 година, а вториот со грчката компанија Енергеан во 2017 година.
Првото истражно дупчење на нафта на црногорското приморје, од страна на руско-италијанскиот конзорциум Ени-Новатек, почна на 25 март годинава на 28 километри од брегот на Улцињ, а според најавите првите резултатите требаше да се знаат во септември.
Концесионерите Ени и Новатек, со согласност со обврските, извршиле 3Д сеизмички истражувања на крајот на 2018 година, а во текот на 2019 е извршена обработка на собраните податоци, како и геолошки и геофизички студии.






