Косовската влада вчера донесе одлука, која стапува во сила утре, за заострување на мерките за спречување на ширењето на вирусот: се воведува полициски час од 22 до пет часот наутро. Се скратува работното време на угостителските објекти, кои ќе работат до 21.30 часот, и тоа само на терасите и со користење на 70 отсто од капацитетот.
Кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти вчера одлучи и да го одложи почетокот на учебната година за основците и средношколците до 13 септември, а остануваат во сила забраните за организирање свадби и други семејни веселби, како и ученички и студентски екскурзии и матурски вечери.
За влез на Косово потребна е потврда за вакцинираност со една или две дози, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, или серолошки тест не постар од 30 дена. Лицата што не поседуваат еден од тие документи треба под заклетва да потпишат изјава за седумдневна самоизолација, или за напуштање на земјата во рок од три часа.






