„Западот на претстојните преговори за гаранциите за безбедност со Русија нема да се извлече со празни зборови, бидејќи Русија сака да добие сериозни гаранции за безбедноста од Америка и НАТО“, кажа Полјански истакнувајќи дека тоа не е ултиматум.
Според него, загриженоста на Москва е сосема основана бидејќи НАТО се приближи кон нејзините граници а не обратно.
„Ние се залагаме за принципот на неделива безбедност – за тоа безбедноста на една држава да не може да биде постигната на сметка на безбедноста на други. Тоа е клучната ставка на бројни документи потпишани на почетокот и средината на 90-тите. Сакаме да се вратиме на тој дух. Многу сме конструктивни, но мислам дека нашите колеги нема да се извлечат со некакво „бла-бла“ како што вели Грета Тунберг“, им кажа тој на новинарите.
Западните медиуми објавија, повикувајќи се на извори во Белата куќа, дека преговорите на Русија и Америка би можеле да се одржат на 10 јануари во Женева, консултациите на Русија и НАТО два дена подоцна, а потоа, на 13 јануари, би бил одржан и состанок на претставници на Русија и ОБСЕ.
Русија на 17 декември објави нацрт договори со Соединетите Американски Држави и НАТО кои, меѓу другото, вклучуваат одредби за заемни гаранции за безбедноста во Европа, за неразместување на ракети со среден и краток дострел во непосредна близина и за сопирање на понатамошното ширење на НАТО на исток.
Документите веќе им се предадени на Вашингтон и неговите сојузници.
Како што претходно изјави заменик министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков, ако НАТО и САД не реагираат на барањата на Русија за безбедносни гаранции, тоа би можело да доведе до нова рунда конфронтации.






