За подобро разбирање на разликите меѓу генерациите, вклучително и како тие се перципираат едни со други и за најголемите предизвици на денешнината, тим од политичкиот институт при Кралскиот колеџ во Лондон и Њу саентист нарачале анкета на повеќе од 4.000 луѓе на возраст од 18 години и повеќе во САД и Велика Британија. Одговорите биле собирани од 2 до 9 август.
Претходните истражувања покажаа дека еден од најраспространетите и најразорни генерациски митови е дека постарите групи не се грижат за животната средина или генерално за социјалната кауза. Новото истражување покажува колку е ова опасно искарикирано.
Во Обединетото Кралство, над три четвртини од бејбибумерите (луѓето на возраст од 56 до 76 години) се согласуваат дека климатските промени, губењето на биодиверзитетот и другите еколошки проблеми се доволно големи проблеми што оправдуваат значителни промени во животниот стил на луѓето. Ова е тука високо како и кај секоја друга генерација. Седум од 10 од оваа група велат дека се подготвени да направат промени во сопствениот начин на живот, комплетно исто како и помладите генерации.
Постарите генерации исто така се помалку фаталистички од младите: само еден од пет бејбибумери вели дека нема смисла да го менува своето однесување за да се справиме со климатските промени, бидејќи тоа нема да направи никаква разлика, во споредба со една третина од генерацијата З – оние на возраст од 18 до 25 години. Ова е важен двигател за тоа како постапуваме: чувството дека сѐ е веќе изгубено води кон инерција. Но новата студија покажува дека луѓето имаат поинаков впечаток за тоа кој што мисли: кога анкетираните биле прашани која возрасна група најверојатно ќе каже дека нема поента да го менува своето однесување, најчесто била избирана најстарата група. Погрешно мислиме дека тие се откажале. Социјалните психолози оваа заблуда ја нарекуваат „плуралистичко незнаење“. Тоа е важен ефект, бидејќи ги обликува нашите гледишта за другите.
Загриженоста на постарите луѓе не се изразува само со зборови, туку се гледа и во нивните постапки. Од други студии знаеме дека всушност бејбибумерите и генерацијата икс се тие што најверојатно би бојкотирале одредени производи. Но новата студија покажува дека и тука перцепцијата е погрешна. Поголем дел од јавноста погрешно мисли дека генерацијата З или милениумците најверојатно би бојкотирале производи.
Не е изненадување тоа што јавноста има погрешен впечаток. Бескрајните написи и анализи даваат слика за чист генерациски прекин во грижата и дејствувањето за животната средина, дека доаѓаат нова група млади луѓе што ќе ги поттикнат промените, само ако постарите луѓе престанат да ги блокираат. Магазинот „Тајм“, на пример, ја нарече Грета Тунберг „аватар во генерациската битка“ кога ја прогласи за личност на годината во 2019 година.
Ова не е само погрешно, туку и опасно, бидејќи ја негира искрената загриженост меѓу огромен дел од нашата економски моќна и растечка постара популација.
Последиците од пандемијата значат дека ќе стане потешко, а не полесно, да се размислува долгорочно, бидејќи краткорочните потреби стануваат сѐ поитни: ќе ни треба сета поддршка што можеме да ја добиеме, а создавањето или пумпањето на генерациската поделба нема да ни помогне.






