Фирма од Гостивар на која и била одземена лиценцата за работа, бесправно им наплатила на станари скоро 3,500 евра (208.500 денари) за реновирање и уредување на внатрешни простории во зградата.
Како што соопшти МВР, поднесена е кривична пријава не само против фирмата, туку и против В.Д. од Гостивар кој неовластено ги потрошил парите.
„СВР Тетово поднесе кривична пријава против правен субјект од Гостивар и В.Д. од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело измама и послужување. Во текот на 2025, со прикривање факти, и покрај тоа што била одземена лиценцата за управување со станбени згради, фирмата продолжила да им наплатува на станарите, наводно за извршени услуги (реновирање и уредување во внатрешни простории на зградата) при што се стекнала со противправна имотна корист во износ од 208.500 денари на име резервен фонд. Второпријавениот неовластено се послужил со паричните средства во износ од 208.500 денари кои му биле доверени од група станари во зграда“, наведува МВР во денешното соопштение.






