„Веројатно ќе биде потребна трета доза, не за сите веднаш, туку за најранливите и најстарите во секој случај“, рече Макрон.
Владата се обидува да ја забрза програмата за вакцинација бидејќи земјата се соочува со четврт бран на коронавирус и улични протести против ковид-политиката. Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, повика да се почека со довакцинација барем до крајот на септември.
Германија и Франција ќе продолжат со довакцинација на населението од септември, игнорирајќи го повикот на СЗО да се почека со тоа се додека не се вакцинираат повеќе луѓе во светот. Германија има намера да започне вакцинација со трета доза на пациенти со нарушен имунолошки систем, стари лица и штитеници во домови за стари лица од почетокот на септември, објави Министерството за здравство.
Богатите земји администрирале околу 50 дози на 100 луѓе во мај, и тој број двојно се зголемил од тогаш, според СЗО. Но, сиромашните земји биле во можност да администрираат само 1,5 дози на 100 луѓе поради недостаток на залихи со вакцини.
„Ја разбирам загриженоста на сите влади да го заштитат своето население од делта варијантата. Но, не можеме да дозволиме земјите, кои веќе ги потрошиле повеќето глобални залихи на вакцини, да користат уште повеќе“, рече Тедрос.
Германија ги отфрли обвинувањата и најави дека ќе донира најмалку 30 милиони дози од вакцината за сиромашните земји. Франција и Германија досега вакцинирале 64,5 проценти односно 62 проценти од населението со барем една доза, додека 49 проценти од Французите и 53 проценти од Германците се целосно вакцинирани.






