среда, 3 јуни 2026

Макрон се сретна со Маѓар: „Започна нова ера за Унгарија и нашата Европа“

Емануел Макрон денес ја поздрави „новата ера за Унгарија и нашата Европа“ пречекувајќи го новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, кој предложи поблиска соработка меѓу Франција, Германија и земјите од Централна Европа собрани во Вишеградската група.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Со вас се отвора нова ера во Унгарија, но и за Унгарија во Европа. Вашиот избор ја покажа силната посветеност на унгарскиот народ кон вредностите на Европската Унија“, рече францускиот претседател, изразувајќи му добредојде на својот гостин во Елисејската палата.

Петер Маѓар победи на унгарските парламентарни избори во април, победувајќи го прорускиот националист Виктор Орбан, кој блокираше голем број прашања во ЕУ, вклучувајќи ја и воената и финансиската поддршка за Украина.

„Унгарците го чувствуваат пролетниот ветер и многу ми е мило што и Европа го чувствува тоа“, додаде Петер Маѓар, кој веќе ги посети Полска, Австрија, Брисел и Берлин откако ја презеде функцијата.

Унгарскиот премиер ја нагласи својата желба за посилна соработка меѓу Франција, Германија и Вишеградската група, која ја сочинуваат Полска, Унгарија, Словачка и Чешка.

„Сакаме да внесеме нов живот во оваа соработка“, рече тој, предлагајќи на состаноците во овој формат да се приклучат Франција и Германија.

Петер Маѓар, како и францускиот претседател, изрази желба за зајакнување на билатералните односи и го покани Емануел Макрон во Будимпешта на 23 октомври за 70-годишнината од востанието во 1956 година против унгарскиот комунистички режим и политиките кои во тоа време ги наметнуваше Советскиот Сојуз.

„Ќе бидеме конструктивни партнери“ во Европа, рече тој, ветувајќи дека ќе го зајакне владеењето на правото и ќе направи сè против корупцијата за да привлече француски и европски инвеститори.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во петокот објави деблокирање на повеќе од 16 милијарди евра наменети за Унгарија, кои беа замрзнати под Виктор Орбан, под услов новиот лидер да спроведе реформи.

Франција и Унгарија сакаат да склучат ново стратешко партнерство пред крајот на годината, како продолжение на Договорот за разбирање и пријателство од 1991 година, за зајакнување на соработката во областите на одбраната, нуклеарната енергија, индустријата, вселената, земјоделството, борбата против дезинформациите и заштитата на демократијата, додаде Макрон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ