Имајќи го предвид сè почестото насилство на талибанците и значителниот пораст на случаите на зараза со ковид-19, депортацијата на авганистанските бегалци од европските земји загрижува, се наведува во соопштението на министерството.
Покрај тоа, Кабул вели дека е загрижен поради порастот на интерно раселените луѓе и новиот бран азиланти кои бегаат во странски земји. Во последно време многу европски земји ги депортираат одбиените авганистански азиланти назад во од војна разурнатата земја. На пример, редовно се спроведуваат групни депортации од Германија во Кабул.
Во средата 27 Авганистанци пристигнале во главниот град Кабул откако биле депортирани од Германија, што бил 40 депортациски лет од Германија во Авганистан од декември 2016 година.
Берлин во Авганистан вратил вкупно 1.104 азиланти. Тие депортации се исклучително контроверзни, имајќи предвид дека многу критичари сметаат дека земјата е премногу опасна за живот. Повлекување на американските трупи кое почна на 1 мај ја остави земјата во состојба на неизвесност.
Речиси секојдневните напади и порастот на воените офанзиви на талибанските милитанти резултираат со цивилни жртви, а во таа земја дејствува и Исламска држава. И покрај мировните преговори, судирот на талибанците и авганистанската влада продолжува и се влошува безбедносната ситуација. Авганистан е бојно поле веќе четири децении.






