Двократниот европски првак стави потпис на едногодишна соработка со „Казинос Австрија“, меѓутоа двете страни најавија дека соработката е планирана да биде долгорочна. Клубот го потврди овој потпис преку официјалната прес-конференција на која се обрати првиот човек Михајло Михајловски.
„Ова е убав ден, потпишавме соработка со Делфино Рентакар кој е мал спонзор, ама ние не ги делиме никогаш. Првпат во историјата Вардар добива свој авто-спонзор. Нема разлика во мали и големи, ама кога ќе добиете најголем спонзор во историјата на Вардар, чест ми е што денес потпишавме договор со Казинос Австрија Интернешионал. Тоа не е договор од денес за утре. Се надевам дека ќе потрае и во иднина. Оваа компанија има многу фирми, спонзорира многу во спортот секаде. Почнувајќи од Иџе, па до кошаркарски и ракометни клубови, како општествено одговорна компанија помагаат многу, а имаат и многу игралишта. Веројатно по подолг период, компанијата увиде што е тоа што за нив е предизвик и би било најдобро да го спонзорираат. Најдоброто во Македонија е ракометниот бренд Вардар 1961. Многу сум благодарен, ова ќе биде голем ветер во грб за нас за да се обидеме да се вратиме на старите патеки. Немаме илузија дека можеме да ги повториме 2017 и 2019 година, ама одиме чекор по чекор. Ќе се обидеме да достигнеме максимум, а тоа е да бидеме во топ десет во Европа. Има преку 20 екипи со над 15 милиони евра буџет, па реално не можеме да се бориме со нив. Ние имаме знаење и слух да најдеме играчи кои сакаат да се докажуваат и борат, а не само да дојдат и да земат пари. Тоа е нашата умешност, ама такво нешто не би било можно без верните поддржувачи. Ние имаме доста спонзори, ама еден се издвојува како најголем и најценет, а тоа е Казинос Австрија“, изјави Михајловски.
Вардарци денес ќе ја имаат официјалната прослава на 65. роденден со свечена церемонија и фан-зона пред дербито со Алкалоид во Суперлигата.






