четврток, 23 април 2026

Билатерални одбранбени консултации со САД: Зацврстување на македонската одбрана и колективната безбедност во НАТО

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски денеска ги отвори редовните македонско-американски билатерални одбранбени консултации, на кои заедно со заменик-помошникот секретар за војна Дејвид Бејкер и американската делегација се разговараше за регионалната безбедност, модернизацијата на Армијата и продлабочувањето на стратешкото партнерство.

Објавено на

часот

Сподели

„Нашите билатерални одбранбени односи во изминатите повеќе од три децении се на многу високо ниво и ви благодарам за одличната соработка. Посветената поддршка од Соединетите Американски Држави, како и амбасадата во нашата земја, придонесоа во изградбата на капацитетите и способностите на македонската Армија“,  истакнал министерот.

Во моментот, како што нагласил Мисајловски, во фаза на имплементација се повеќе договори со САД за набавка на различна опрема, која е во согласност со НАТО-целите на способности.

Министерот се осврнал и на инвестирањето во одбраната, при што посочи дека одбранбениот буџет расте и дека државата има план за достигнување заеднички договореното ниво од инвестирање на 3,5 проценти од БДП во одбранбениот буџет и 1,5 отсто од БДП во активности и проекти поврзани со одбраната до 2035 година.

Тој посочил дека процесот на измена на стратешките документи и планови е почнат, што е клучно за идниот развој на одбранбените капацитети, кои ќе овозможат засилување на борбената готовност како гаранција за безбедноста на земјата и цврстината на колективната одбрана на алијансата.

Заменик-помошникот секретар Бејкер нагласил дека САД ја препознаваат посветеноста на Владата во исполнувањето на целите во рамките на НАТО 3.0, вклучувајќи ги заложбите од самитот во Хаг, грижата за регионалната безбедност, како и за развој на одбранбената соработка. Тој додал дека овие разговори се можност за иницирање нови правци во партнерството, кои ќе придонесат за навремен одговор на предизвиците.

Заменик-шефицата на мисијата во Амбасадата на САД, Никол Варнс, потенцирала дека денешните разговори ќе придонесат за идентификување нови конкретни можности за соработка и дополнителен развој на интероперабилноста.

На билатералните консултации се обратил и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој посочил дека целата досегашна и идна соработка ни дава можност за исполнување на нашите цели и задачи, како и за развој на борбената готовност на Армијата.

Билатералните одбранбени консултации се реализираат само две недели по стратешкиот дијалог помеѓу двете земји реализиран во Вашингтон, САД, каде што беше потврдена заемната посветеност на развојот на блиски стратешки односи во сите сфери.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ