Во заедничка изјава издадена од американскиот Стејт департмент по разговорите во Вашингтон се вели дека прекинот на огнот меѓу Израел и Либан е условен од целосен прекин на огнот од страна на Хезболах, милицијата поврзана со Иран, и евакуација на сите нејзини оперативци од југот на земјата.
Двете страни, кои немаат формални дипломатски односи, исто така се согласија да создадат „пилот зона“ во кои либанските вооружени сили ќе „преземат целосна контрола над територијата, исклучувајќи ги сите недржавни актери“. Се појаснува дека терминот „недржавни актери“ се однесува на Хезболах, милитантна група поддржана од Иран, која со години е дестабилизирачки фактор во Либан и честа цел на израелски напади.
Договорот исто така содржи обврска за иднината. „Израел и Либан потврдија дека немаат непријателски намери едни кон други и се обврзаа да продолжат со директните преговори за градење доверба, решавање на сите отворени прашања и постигнување сеопфатен договор меѓу двете земји“, се вели во соопштението.
Официјален претставник на Хезболах за АФП изјави дека групата „нема да прифати делумен прекин на огнот“ и дека не учествувала во преговорите. Примирјето што требаше да стапи на сила на 17 април не се реализираше, а судирите продолжија, при што двете страни ги оправдуваат своите напади со наводни прекршувања од другата страна.
Средбите во Вашингтон беа четвртата рунда директни преговори меѓу либанските и израелските дипломати откако избувна конфликтот на 2 март, кога Хезболах ги обнови нападите врз Израел во поддршка на Иран.






