четврток, 7 мај 2026

Иран: Ормус мора да остане под наша контрола, странските сили мора да си заминат

Мохсен Резаи, поранешен командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда и сега член на Советот за разумност на Иран, изјави дека Иран „нема да преговара со никого за нуклеарното прашање“ и дека контролата врз Ормускиот теснец мора да остане во ирански раце. Неговите изјави ги пренесе иранската новинска агенција ИСНА, објави Ал Џезира.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Доколку контролата и управувањето со Ормускиот теснец паднат од рацете на Иран, непријателот повторно ќе го употреби како оружје против нашата земја и народ“, предупреди Резаи.

Тој нагласи дека пристапот на Иран кон безбедноста се базира на регионална самодоволност. „Нашиот модел е јасен: регионот мора сам да ја обезбеди својата безбедност. Странските сили – без разлика дали се американски или европски – мора да си заминат“, заклучи Резаи.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, дополнително ја засили реториката кон Вашингтон, обвинувајќи ги САД дека „ја заменуваат дипломатијата со закани, притисоци и санкции“. Според Ал Џезира, Пезешкијан рекол дека Техеран повеќе не може да им верува на САД поради таквото однесување.

„Во двата наврати кога влеговме во дијалог со САД, паралелно се одвиваше воена агресија против Иран. Таквото однесување е како забодување нож во грб“, рече иранскиот претседател.

Пезешкијан нагласи дека сериозни преговори се можни само со крај на војната и цврсти гаранции дека непријателските потези против Иран нема да се повторат. Тој исто така ги отфрли обвинувањата дека Иран презел воени дејствија против Обединетите Арапски Емирати.

Зборувајќи за Ормускиот теснец, порача дека Иран со децении бил гарант за безбедноста во овој стратешки воден пат, но дека американските дејствија, вклучително и поморската блокада, го дестабилизирале регионот. „Секое преговарање за целосно отворање на Ормускиот теснец бара укинување на американската поморска блокада“, вели тој.

Според соопштението од кабинетот на иранскиот претседател, Макрон изразил поддршка за рамковниот договор за прекин на огнот за време на разговорите и признал дека американската поморска блокада и израелските напади врз Либан претставуваат негово кршење.

Францускиот претседател, наводно, исто така рекол дека Париз е подготвен да помогне во продолжувањето на преговорите и да учествува во процесот на постепено укинување на санкциите врз Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ