„Слушајќи ги изјавите на Аун, некој би помислил дека Иран е тој кој окупирал една петтина од Либан, раселил четвртина од либанското население и ја бомбардира земјата секој ден“, напиша Аракчи на Икс, алудирајќи на Израел.
„Доколку Либан беше навистина преговарачки адут за Иран, одамна ќе постигневме договор. Наместо тоа, спасете го Либан од вистинскиот непријател, претседателе“, додаде тој.
Вчера, претседателот Аун го повика Иран да престане да се „меша“ во работите на Либан, откако пропадна новото примирје објавено од Вашингтон меѓу Израел и исламистичкото движење Хезболах, поддржано од Техеран.
„Ова не е ваша земја, ова е наша земја. Немате право да се мешате во нашите работи“, му порача Аун на Иран, истовремено повикувајќи го Хезболах да го следи патот на дипломатијата.
Претседателот се соочува со отпор од Хезболах, како и од дел од либанското население, бидејќи иницираше директни разговори со Израел, први вакви разговори по децении, бидејќи двете земји не одржуваат дипломатски односи.
И премиерот Наваф Салам го повика Иран да престане да ја користи неговата земја како „преговарачка алатка“ во разговорите со САД.
Техеран бара договорот со Вашингтон за завршување на војната, која започна на 28 февруари со израелско-американската кампања на бомбардирање, да вклучува и прекин на непријателствата на либанскиот фронт и повлекување на израелските сили.
Хезболах го вовлече Либан во војна на почетокот на март со напад на Израел за да се одмазди за смртта на иранскиот врховен лидер, Али Хамнеи, во израелско-американски напад.
Според најновите официјални бројки, во израелските напади врз Либан загинаа повеќе од 3.560 лица од почетокот на конфликтот. На израелска страна, во тој конфликт беа убиени 27 војници и еден цивил.






