Целта е поодржлив туристички модел со помало влијание врз животната средина, плажите и инфраструктурата, изјави на прес-конференција министерката за туризам Олга Кефалогиани. Министерот за животна средина Ставрос Папаставру ја опиша програмата како „историска реформа“.
Соодветната министерска уредба треба да стапи во сила на крајот на јуни. Регионите ќе бидат поделени според влијанието на туризмот, а популарните грчки острови како Родос, Кос, Санторини и Миконос ќе бидат предмет на построги услови за градба. Новите хотели во тешко погодените островски региони ќе бидат ограничени на максимум 100 кревети.
Овој потег на владата дојде откако централната банка објави рекорден број туристи што ја посетија Грција минатата година. Санторини и Миконос се сметаат за пренатрупани во текот на сезоната, а жителите со години се жалат на сообраќајни метежи, недостиг на вода, зголемување на кириите и преоптоварена инфраструктура.
Градежните прописи ќе бидат построги, а нови хотели надвор од официјалните градежни зони ќе бидат дозволени само на големи имоти. Во зависност од регионот, тие ќе мора да бидат на површина од најмалку осум до 16 хектари.
Целта е да се спречи изградба на повеќе згради нерегулирани низ целиот предел. Крајбрежјата ќе бидат подобро заштитени, со забрана за градба во рамки на 25 метри од морето, со дозволени исклучоци за пристапни и евакуациски патишта.






