„Јас воопшто не го сметам ова правило за проблематично. Тука постои куќно правило според кое сопственикот може да одреди кој начин на работење е најдобар за него”, рече Ламбрехт во интервју за јавниот сервис ЗДФ.
Воведувањето на правилото „2Г“ (за „genesen“ – оздравен или „geimpft“ за вакциниран) во Хамбург им овозможува на сопствениците на ресторани, клубови или кино сали да дозволат влез само на лица кои се вакцинирале или преболеле коронавирус.
Во овој случај, елиминирана е обврската за задолжителна регистрација на гостите и правилото за растојание, што повторно на угостителите им овозможува поголема исполнетост и многу помалку работа околу регистрирањето на гостите и испраќање списоци до властите.
„Право на сопственикот на ресторанот е да одлучи дали правилото ‘2Г’ ќе му овозможи подобро работење“, рече Ламбрехт. Таа посочи дека досегашното правило за неопходно растојание помеѓу гостите го ограничува правото на угостителите целосно да го користат својот деловен простор.
Таа ги отфрли тврдењата дека ова ги ограничува правата на невакцинираните, на кои, со воведување на ова правило, практично им се спречува влезот во објекти каде што важи правилото „2Г“.
Германскиот совет за етика, кој ја советува сојузната влада за етички прашања, смета дека правилото „2Г“ не е обид да се воведе обврската за вакцинација „на мала врата“.
„Обврската е нешто што не може да се избегне. Овде се работи за зголемување на притисокот да се заштитите себеси и другите“, рече претседателката на советот Алена Бујкс за јавниот сервис НДР.
Претставници на концертните агенции го сакаат правило „2Г“ за целата земја.
„Се надеваме дека моделот ‘2Г’ во Хамбург е нацрт и за другите сојузни покраини“, рече претседателот на Здружението на германски концертни агенции, Јенс Михов.
Критиките за правилото „2Г“ доаѓаат од синдикатите кои веруваат дека оваа практика може да резултира со отпуштање на оние работници кои не сакале или не сакаат да се вакцинираат.
Правилото „2Г“ во Хамбург стапува на сила во недела.






