понеделник, 27 април 2026

Предупредување на 47 граѓански организации: Западен Балкан нема ни пари, ни време за грешки со изградба на гасоводи и гасни електрани

Во пресрет на 3SI Самитот во Дубровник, 47 организации од граѓанското општество предупредуваат на зависност од гас во Западен Балкан.

Објавено на

часот

Сподели

Денес, 47 граѓански организации ги повикаа владите на државите од Западен Балкан да се спротивстават на притисоците од Соединетите Американски Држави и да ги откажат плановите за изградба на нови гасоводи и гасни електрани. Во заедничка изјава, организациите предупредуваат дека, наместо само да го заменат рускиот гас, овие планови значително би ја зголемиле потрошувачката на гас во регионот и зависноста од увоз на фосилни горива.

„Веќе неколку години, Соединетите Американски Држави промовираат проекти како интерконекторот меѓу Грција и Македонија, терминали за течен природен гас (LNG) во Црна Гора и Албанија, како и јужната гасна интерконекција меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина.

На овонеделниот 3SI Самит во Дубровник се планира меѓувладин договор за последниот проект, додека планираниот договор меѓу САД и Црна Гора веќе наиде на силен отпор од граѓанското општество и жителите кои живеат во близина на планираниот LNG терминал во Бар“, се наведува во повикот на еколошките организации, во Македонија пренесен преку НВО Еко-свест.

Во споредба со Европската Унија, земјите од Западен Балкан имаат ниска или никаква зависност од гас. И покрај намалувањето на потрошувачката, во 2024 година, гасот сочинуваше над 20% од достапната енергија во ЕУ. Но, во Западен Балкан, најзависни од гас беа Србија (14%) и Македонија (12%). Во Босна и Херцеговина гасот учествува со помалку од 3%, додека Албанија, Црна Гора и Косово не се поврзани со меѓународна гасна инфраструктура.

„Но, наместо ова да се гледа како предност што треба да се искористи, повеќето влади во Западен Балкан активно планираат гасоводи, електрани и LNG терминали кои заедно би можеле тројно да ја зголемат потрошувачката на гас во споредба со 2023 година. Според заедничката изјава, тие или ќе ги заглават земјите во скапа зависност од увоз, или ќе завршат како нефункционални (stranded) инвестиции“, се предупредува во повикот.

Според Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, планирањето на нови гасни електрани во Македонија отвора сериозни прашања за нивната економска оправданост и влијанието врз климатските цели.

„Нашата најнова анализа за проценка на емисиите од гасната инфраструктува во земјата покажува дека сегашните планови се преамбициозни, а изградбата на две комбинирани гасни постројки во земјава би била финансиски неодржлива, особено во услови на регионална конкуренција и зголемени CO₂ емисии. државата треба внимателно да избере помеѓу продолжување на зависноста од фосилни горива или забрзана транзиција кон обновливи извори и одржлив енергетски систем, кој може сигурно да функционира и без нови гасни електрани“, вели Чоловиќ Лешоска.

Пипа Галоп од ЦЕЕ Бенквоч нетворк (CEE Bankwatch Network) предупредува дека регионот нема ни пари, ни време за скапи грешки.

„Среде уште една криза со фосилни горива, неверојатно е што владите сè уште планираат нови гасоводи и гасни електрани. Тие би чинеле милијарди, дури и пред да се вклучат трошоците за самиот гас, и најверојатно би завршиле како нефункционални инвестиции, или би биле силно субвенционирани од даночните обврзници. Планирањето и изградбата лесно може да потраат една деценија – предоцна за да го заменат рускиот гас – а регионот нема ни пари ни време за вакви скапи грешки“, смета Пипа Галоп.

Организациите ги повикуваат владите во регионот да се фокусираат на соодветно лоцирано производство на електрична енергија од сонце и ветер – поддржано од постојните хидроцентрали и силни електроенергетски мрежи – како и на топлински пумпи, геотермална енергија и искористување на отпадна топлина за греење и ладење. Тие исто така повикуваат на поголеми напори за енергетска ефикасност и електрификација на секторите за греење и транспорт.

Македонија минатата година го најави почетокот на работите на гасниот интерконектор со Грција, иако експропријацијата сè уште не е завршена, а постојат и неколку нерешени правни прашања. Дополнително, се планира изградба на најмалку уште две гасни електрани, значително повеќе од предвиденото во постојниот Национален план за енергија и клима или енергетската стратегија. Во 2025 година, Владата потпиша меморандум со турската компанија Казанџи Холдинг (Kazancı Holding) за неодредени гасни електрани и дистрибутивни мрежи, потсетуваат во повикот еколошките здруженија за состојбата во Македонија.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ