Причината за ова е силната побарувачка за патувања, која, заедно со трошоците за гориво, исто така ги зголемува цените. И покрај повисоките цени, многу авиокомпании бележат рекорден број резервации, што значи дека поскапите карти веројатно ќе останат на сила сè додека има патници, без оглед на цените на горивата, објавува Си-ен-ен.
„Колку подолго потрошувачите ги плаќаат овие цени и колку повеќе авиокомпаниите се навикнуваат на овој приход, толку е поголема веројатноста дека ќе се задржат“, изјави во средата извршниот директор на Јунајтед, Скот Кирби. Патниците на Јунајтед сега плаќаат во просек 20% повеќе за секој прелетан километар во споредба со минатата година.
На прашањето дали ќе ги задржи повисоките цени на картите дури и по нормализирањето на цените на горивата, извршниот директор на Американ ерлајнс, Роберт Исом, рече дека патниците веќе покажале подготвеност да платат повеќе за погодности како дополнителен простор за нозе или седишта поблиску до предниот дел од авионот.
„Оптимист сум во однос на што значи тоа за нашиот бизнис“, им рече Исом на аналитичарите минатиот четврток, додавајќи дека летните резервации останале силни и покрај зголемувањето на цените. „Мислам дека сме сведоци на сфаќањето дека патувањата сè уште се добра вредност за парите“.
Цената на авионското гориво, која речиси се дуплираше од почетокот на годината, е главниот двигател на зголемувањето на цените на билетите. Горивото е втората најголема ставка во работењето на авиокомпаниите, по трошоците за работната сила.
Четирите најголеми американски превозници – Јунајтед, Американ, Делта и Саутвест – потрошија просечно 100 милиони долари дневно за гориво минатата година, во време кога цените беа релативно ниски. Денес, тие плаќаат милијарди повеќе. Делта се соочи со зголемување од 2 милијарди долари на трошоците за гориво само во тековниот квартал.
Авиокомпаниите дел од тие трошоци ги пренесуваат на потрошувачите. Податоците покажуваат дека на патниците веќе им се наплаќа 20% повеќе по километар отколку минатата година, а се очекуваат и понатамошни зголемувања на цените. Главниот оперативен директор на Саутвест ерлајнс, Ендру Ватерсон, им рече на инвеститорите дека од почетокот на годината имало пет бранови на поскапувања низ целата индустрија, а се очекуваат и нови. Сите компании тврдат дека така само делумно ги компензирале зголемените трошоци.
Сепак, цените на билетите не се базираат на оперативните трошоци на летот, објаснува Зак Гриф, автор на билтенот „Фром д треј тејбл“. Цената првенствено се одредува според побарувачката за одредена рута, времето од денот или неделата и нивото на конкуренција. На пример, ноќните летови или летовите во средината на неделата имаат тенденција да бидат поевтини од летовите во ударните термини на истата рута, како што е петок попладне. Исто така, патниците често плаќаат значително помалку по прелетан километар на популарните долги рути помеѓу големите градови, како што се Њујорк и Лос Анџелес, отколку на пократките рути со помала побарувачка.
Повисоките цени на горивата ги принудија авиокомпаниите да ги укинат некои од помалку профитабилните летови кои станаа неисплатливи. Јунајтед, на пример, го намали својот претходно закажан распоред за околу 5% до септември. Укинувањето на овие поповолни карти исто така ја зголемува просечната цена на патувањето. Но, бидејќи патниците продолжуваат да купуваат карти, авиокомпаниите знаат дека можат да ги задржат повисоките цени на преостанатите летови. „Цените на билетите на крајот ќе се развиваат врз основа на пазарните услови“, рече Ватерсон од Саутвест.
Друг фактор е можноста Спирит ерлајнс, лидерот во ултра ниските цени на билетите, да пропадне под товарот на високите трошоци за гориво. Нискобуџетниот превозник, кој двапати поднесе барање за банкрот во последните две години, предупреди во март дека може да престане да работи. Администрацијата на Трамп изјави дека размислува за можноста за спасување или дури и купување на компанијата за да ја одржи во живот. Дури и ако Спирит преживее, таа ќе биде значително помала, а другите нискобуџетни превозници исто така се соочуваат со потешкотии.
„Ако од равенката ја отстраните конкуренцијата од нискобуџетните превозници, тогаш да, мислам дека Јунајтед и слични компании би можеле да се извлечат со тоа што ќе ги задржат овие повисоки цени на сила подолго време“, рече Гриф.
Без оглед на мислењето на инвеститорите и аналитичарите, најавата на авиокомпаниите дека ќе одржуваат високите цени дури и по евентуалното намалување на цените на горивата предизвика остри критики од јавноста. Пратеникот Ричи Торес, демократ од Њујорк, испрати писмо до Кирби од Јунајтед по неговите изјави.
„Јунајтед отворено планира да си стави во џеб значителен дел од каква било заштеда на горивото, наместо да ја пренесе на патниците. Обичните Американци, од кои многумина веќе не можат да си дозволат авионски патувања, заслужуваат подобро од овој вид корпоративна алчност“, напиша Торес. Јунајтед одби да коментира за неговото писмо.






