Стравот од нов бран на коронавирусот се шири меѓу членовите на германската влада. Прво портпаролката на владата Улрике Демер најави дека се размислува за воведување нови мерки ако инциденцијата продолжи да расте со брзината со која во моментов расте, а сега, како што јавуваат германските медиуми, и министерот за здравство јенс Шпан најави заострување на правилата за повратниците од годишните одмори.
Тој планира да воведе правило според кое сите оние кои не се целосно вакцинирани или го прележале коронавирусот, при влегувањето во Германија би биле должни да покажат потврда за негативен тест. Засега тоа важи само за оние ко во Германија доаѓаат со авион. Ова правило би важело за сите, без оглед на тоа дали областа во која престојувале се смета за ризична или не.
Шпан, инаку, во минатото во повеќе наврати токму оние кои се враќаат од одмори во земјите од Југоисточна Европа ги обвини за ширење на заразата. Во моментов ниедна земја од таа област не се смета за ризична.
Според информациите од круговите на владата, усогласувањата околу воведувањето на тие мерки во моментот се координираат меѓу министрите. Наводно се противи само германската министерка за правосудство Кристин Ламбрехт која воведувањето на задолжителниот негативен тест го смета за „непримерна мерка“, имајќи ја предвид актуелната епидемиолошка состојба во земјата и сè уште релативно ниската инциденција во споредба со првиот квартал оваа година. Таа, меѓутоа, истовремено на угостителите во Германија им препорачува отворање на рестораните само за оние кои се целосно вакцинирани.
Некои познати германски виролози веќе ја поздравија иницијативата на министерот за здравство Шпан за задолжително тестирање на сите кои се враќаат од одмор. Вирологот Мартин Штирмер кажа за јавниот сервис ЗДФ дека оние кои се враќаат од странство придонесуваат на зголемувањето на бројот на заразите во Германија. Тој ја смета за неодговорна праксата по која дури и оние кои доаѓаат од области со висок ризик не се обврзани да се тестираат. Штирмер меѓутоа обврската за тестирање по враќањето од високоризичните области би ја вовел и за оние кои се вакцинирани, имајќи го предвид фактот дека е докажано дека и вакцинираните може да се заразат со делта сојот на корнавирусот.
Германија пред неколку дена најпопуларната туристичка дестинација, Шпанија, ја прогласи за област од висок ризик.
Франкфуртскиот виролог е песимистичен и кога станува збор за спречување на нов бран. „Порастот на бројот на новозаразени доаѓа многу пред очекуваното“, кажа Штирмер.






