Истрагата е фокусирана на „Програмата за приоритетни партнери“ и „Програмата за приоритетни партнери плус“, кои им се нудат на изнајмувачите во рамките на платформата Букинг.
Се чини дека Букинг им обезбедува на изнајмувачите во тие програми поголема видливост во резултатите од пребарувањето во рамките на платформата, истакнувајќи ги графички и нагласувајќи го квалитетот на услугата и „вредноста за парите“, според регулаторот АГЦМ. Изборот на изнајмувачи за „Програмата за приоритетни партнери“ во голема мера се базира, според регулаторот, на критериуми што ги фаворизираат изнајмувачите со повисоки провизии за Букинг, а не на квалитетот на нивната понуда.
Претставувањето на таквите изнајмувачи, поддржано од Букинг, може да ги заведе потрошувачите да веруваат дека нивните имоти нудат подобра вкупна вредност за парите од изнајмувачите кои не се вклучени во програмата, објаснува регулаторот.
Во некои случаи, потрошувачите затоа може да резервираат сместување кое е поскапо во просек, предупредува АГЦМ, додавајќи дека неговите службеници ги пребарале просториите на Букинг во Италија во вторникот заедно со финансиската полиција.
Здружението на потрошувачи Кодаконс изрази задоволство од истрагата.
„Луѓето кои користат платформи за резервација на хотелско сместување, како што е Букинг, имаат право на максимална транспарентност, бидејќи резултатите и информациите на тие страници можат да влијаат врз финансиските одлуки на потрошувачите“, велат од здружението.
„Нагласувањето на квалитетот, цената и услугата за корисници, без објективни критериуми, единствено заради поголема провизија, е измама која може да предизвика финансиска штета и да ги наведе корисниците да трошат повеќе, убедени дека ја избираат најповолната опција“, предупредија тие.
Ситуацијата е уште посериозна кога ќе се земе предвид дека 70 проценти од хотелските резервации во Италија денес се прават преку специјализирани веб-страници, а 42 проценти од дигиталните резервации се прават на Букинг“, нагласува Кодаконс.






