Нацрт-текстот, кој сè уште е привремен и за кој се дискутирало со месеци, испратен е до земјите-членки на 31 декември, нешто пред полноќ, изјавија извори за АФП.
Тој поставува одредници кои ќе овозможат како одржливи да се означат инвестициите во нуклеарни и гасни електрани за производство на електрична енергија, со цел зеленото финансирање да се насочи на активности кои придонесуваат за намалување на стакленичките гасови.
Франција, која сака да ја обнови својата нуклеарна мрежа, извор на стабилна и декарбонизирана електрична енергија, и земјите од средна Европа како Полска и Чешка, кои треба да ги заменат своите електрани кои се големи загадувачи, бараа таков текст. Благодарение на ваквата класификација, трошоците за финансирање се намалуваат, пресудно за енергетските проекти и за земјите кои сакаат да учествуваат во нив.
Еколошките активисти се противат на признавањето на гасните (испуштаат јаглерод диоксид) и нуклеарните електрани поради производството на радиоактивен отпад. Мала група земји предводени од Германија се бореа за напуштање на нуклеарната енергија.
Сепак, и поддржувачите на гасните и нуклеарните електрани се согласни во тоа дека обновливите извори на енергија (ветер, сонце), кои веќе се класифицирани од Комисијата, страдаат од прекини во производството и во следниот период нема да можат да обезбедат евтина електрична енергија чие производство може да се контролира. Предлогот од Брисел, кој бил даден на увид на АФП, ги одредува условите за вклучување на нуклеарните и гасните електрани, особено со временско ограничување.
За изградба на нови атомски електрани проектите ќе треба да добијат дозвола пред 2045 година. Што се однесува до работите за продолжување на работниот век на постоечките електрани, тие ќе треба да бидат одобрени до 2040 година. Се бараат и гаранции за третман на отпадот и затворање на нуклеарни електрани кои се пред гасење.






