вторник, 19 мај 2026

Епидемија на ебола во Конго: Повеќе од 118 мртви, заразата се шири

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго однесе најмалку 118 животи, а постои сомнеж дека повеќе од 390 се заразени, соопштија локалните власти. Портпарол на конгоанската влада потврди дека епидемијата се шири во нови области.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Два потврдени случаи и еден смртен случај се пријавени во соседна Уганда, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата, предизвикана од сојот Бундибугио на вирусот ебола, за криза во јавното здравје од меѓународен интерес, јави Би-би-си.

Како што се шири смртоносната епидемија, конгоанската влада се обиде да ја смири јавноста, велејќи дека нејзините тимови работат напорно за следење и истражување на сомнителните случаи и дека нема причина за паника. Сепак, загриженоста расте бидејќи нови случаи се потврдени во области како што се Њакунд во покраината Итури, Бутемба во Северен Киву и градот Гома.

Меѓу заразените е и американски лекар кој работи во ДР Конго, што е потврдено од ЦДЦ и медицинската мисионерска организација за која работел. Тој ќе биде префрлен во Германија на лекување, објави Си-би-ес њуз, американскиот партнер на Би-би-си.

Иако ЦДЦ не го откри идентитетот на заразеното лице, медицинската мисионерска организација Срџ потврди дека нивниот лекар, Питер Стафорд, е позитивен на ебола. Неговата сопруга, д-р Ребека Стафорд, и уште еден колега биле изложени на вирусот додека лекувале пациенти, но немаат симптоми и се во карантин, соопшти организацијата.

Според извори на Си-би-ес њуз, најмалку шест американски граѓани биле изложени на вирусот ебола во ДР Конго. ЦДЦ соопшти дека ја поддржува „безбедната евакуација на мал број Американци кои се директно погодени“, но не прецизираше колкумина.

Здравствениот портал СТАТ, повикувајќи се на свои извори, наведува дека американската влада организира транспорт на мала група Американци до безбедна локација за карантин, веројатно во американска воена база во Германија, но оваа информација не е официјално потврдена. На прес-конференцијата во недела, ЦДЦ одби директно да одговори на прашања за погодените американски граѓани.

Американската агенција за јавно здравје во понеделник објави дека ризикот за САД е релативно низок, но најави воведување на низа мерки за спречување на внесувањето на болеста во земјата. Мерките вклучуваат скрининг на патниците што доаѓаат од погодените области и ограничување на влезот за секој што нема американски пасош и бил во Уганда, ДР Конго или Јужен Судан во последните 21 ден.

ЦДЦ најави соработка со авиокомпаниите за следење на контактите на патниците, како и зголемување на капацитетот за тестирање и подготвеноста на болниците. Соединетите Американски Држави, исто така, издадоа највисоко ниво на предупредување, четврто ниво, советувајќи да не се патува во ДР Конго.

Светската здравствена организација (СЗО) процени дека епидемијата во источната конгоанска покраина Итури претставува криза на јавното здравје од меѓународно значење, но сепак не ги исполнува критериумите за прогласување пандемија.

И покрај ова, агенцијата предупреди дека вистинскиот обем на епидемијата може да биде „многу поголем“ од пријавените бројки и дека постои значителен ризик од локално и регионално ширење.

За споредба, за време на најголемата епидемија на ебола во Западна Африка од 2014 до 2016 година, беа заразени повеќе од 28.600 луѓе. Таа епидемија, најголема од откривањето на вирусот во 1976 година, се прошири во Гвинеја, Сиера Леоне, САД, Обединетото Кралство и Италија и одзеде 11.325 животи.

Жан Касеја, раководител на Африканските центри за контрола и превенција на болести, претходно изјави за Би-би-си дека бројот на сомнителни случаи е близу 400. Тој нагласи дека, во отсуство на вакцини и ефикасни лекови, клучно е населението да се придржува до мерките за јавно здравје, особено упатствата за постапување при погребување на починатите од ебола.

„Не сакаме луѓето да се заразуваат на погреби“, изјави тој за програмата Њуздеј на Светскиот сервис на Би-би-си. Традиционалните погребни обичаи, кои вклучуваат миење на телата на починатите, биле главна причина за ширењето на болеста за време на големата епидемија пред повеќе од една деценија.

СЗО им советуваше на ДР Конго и Уганда, земји со потврдени случаи, да спроведат прекугранични проверки за да се спречи понатамошно ширење на вирусот. Исто така, ги повика соседните земји да „ја подобрат својата подготвеност и готовност“ и да го засилат надзорот во здравствените установи и заедниците.

Соседна Руанда објави дека ќе ги засили проверките по должината на границата со ДР Конго како „мерка на претпазливост“, додека Нигерија соопшти дека „внимателно ја следи ситуацијата“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ