„Не се работи за тоа дека не ги почитуваме нашите сојузници. Се работи за тоа дека тие прават многу за да се саботираат себеси“, рече Венс во интервју за американската телевизиска станица Фокс њуз.
Венс инсистираше дека САД сакаат просперитетна Европа со „жива економија“. „Проблемот што го имаме со Европа не е тоа што не ја сакаме Европа“, рече Венс.
Но, тој тврдеше дека бил потребен притисокот од администрацијата на претседателот Доналд Трамп за да се охрабрат сојузниците во НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана и да инвестираат во заштита на границите за да се ограничи миграцијата. „Значи, постигнавме голем напредок, но искрено, сакаме нашите европски сојузници да бидат многу подобри“, додаде Венс.
Венс зборуваше и за тековните преговори со Иран, велејќи дека црвената линија на администрацијата на Трамп е дека Техеран не може да има нуклеарно оружје. „Да се надеваме дека ќе можеме да ги решиме работите дипломатски и дека нема да мора да одиме подалеку од тоа“, рече Венс.






