сабота, 6 јуни 2026

Албанскиот премиер го брани зетот на Трамп: „Да не беше Џаред, немаше да им биде гајле“

Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли сè погласните протести против планираното луксузно одморалиште како политички мотивирана кампања која, според него, е поттикната од критичарите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Рама инсистира дека проектот не претставува ризик за фламингата и другиот див свет во областа, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во последните денови, Албанците излегоа на улиците за да протестираат против плановите на зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, за изградба на луксузно одморалиште на недопрениот албански остров Сазан и брегот Звернец во близина на Валона. Граѓанското општество и меѓународните медиуми го нарекоа движењето „револуција на фламинго“ бидејќи станува збор за област која е важно живеалиште за овие харизматични розови птици.

Но, во интервју за Политико, Рама го бранеше проектот на Кушнер, нагласувајќи дека неговата политика за привлекување странски инвестиции за развој на албанскиот туризам е правилна. Тој ги отфрли меѓународните критики, тврдејќи дека протестите не биле ни приближно толку масовни како што се известува.

„Да не беше Џаред, немаше да им биде гајле што се случува во Албанија“, рече Рама на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора.

Тој тврди дека оние што го „мразат Трамп“ помогнале во поттикнувањето на масовните протести, чија цел ја опиша како благородна, и покрај тоа што ги отфрли критиките за самиот проект.

Планираното луксузно одморалиште, поддржан од катарски и локални инвеститори, би можело да вклучува до 10.000 хотелски соби и вили. Се наоѓа во некогаш заштитен природен екосистем кој е дом на фламинга, повеќе од 200 видови птици преселници, медитерански фоки и морски желки кои се гнездат таму. Еколошките здруженија предупредуваат дека проектот ќе им наштети на живеалиштата на овие видови.

Контроверзните измени во албанскиот закон за заштитени подрачја, донесени во 2024 година, го отворија патот за туристичка изградба на некои од овие локации. Ова овозможи понатамошен раст на секторот, кој веќе се зголеми за трипати во последната деценија. Не е спроведена проценка за влијанието врз животната средина на споменатото хотелско одморалиште.

„Странците се наш приоритет… бидејќи тие носат пари во земјата за Албанците“, рече Рама, нагласувајќи дека земјата го зголемила БДП за трипати откако станал премиер во 2013 година.

Рама рече дека не бил во контакт со Кушнер откако започнале протестите.

„Тој си ја врши работата, а од друга страна, ниту тој ниту Иванка немаат никаква врска со целата оваа тотално лажна и измислена приказна“, рече албанскиот лидер, истакнувајќи дека и други инвеститори, како што е катарската „Пауер холдинг“, се вклучени во проектот.

Антисемитизмот стана дел од наративот во протестите поради еврејското потекло на Кушнер и неговата улога во посредувањето на Абрахамовиот договор – мировен договор меѓу Израел и неколку арапски земји.

Според Рама, Иран е вклучен во „хибридна војна“ со дезинформации за проектот. Албанија и претходно беше жртва на сајбер напади од Техеран како одмазда за тоа што ја засолнува иранската опозиција.

„Тие се дел од тоа бидејќи никој друг нема интерес да поттикнува наратив за антисемитизам базиран на неверојатни и подли лажни вести“, рече Рама, посочувајќи на теориите на заговор дека проектот ќе послужи за преселување на Палестинците од Газа во таа област.

Демонстрантите и организациите на граѓанското општество велат дека неколку антисемитски транспаренти и објави на социјалните мрежи не го одразуваат ставот на поширокото движење.

Рама инсистираше дека се зема предвид влијанието на одморалиштето врз општеството и неговото влијание врз биодиверзитетот. Тој исто така се спротивстави на тоа што немирите се нарекуваат „револуција на фламинго“, тврдејќи дека дезинформациите го искривуваат вистинскиот број на демонстранти.

Тој рече дека ниту еден од европските лидери присутни на самитот во Тиват не го покренал ова прашање.

Албанија се надева дека ќе се приклучи на ЕУ до 2030 година, а Рама не верува дека еколошките прашања ќе ги загрозат перспективите на земјата. Тој рече дека европските лидери ќе можат „со свои очи да видат како фламингата и развојот коегзистираат прекрасно“.

На прашањето дали одморалиштето ќе биде домаќин на некој самит, тој за Политико изјави: „Ова нема да биде мојот Мар-а-Лаго“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ