Годинешната парада ќе се одржи под мотото „Стратегиско будење на Европа“ и има цел да покаже дека Франција е решителна и продолжува да ја поддржува Украина, пренесуваат француските медиуми.
„Ќе имаме поголема, помоќна и помодерна парада. На неа ќе учествуваат околу 8.500 лица, од кои 6.500 ќе маршираат пеш. Ќе има и околу 300 возила, меѓу кои околу 100 мотоцикли, 95 авиони, 35 хеликоптери и 193 коњи на Републиканската гарда“, изјави генералот Мизон.
Украина, која влегува во петтата година од војната што Русија ја почна во 2022 година, ќе биде почесен гост на свеченоста. Во воздушниот дел од програмата, заедно ќе летаат француско-украински екипажи.
На парадата се поканети и 35 земји од таканаречената Коалиција на спремните, кои се подготвени да ѝ обезбедат безбедносни гаранции на Украина по постигнувањето прекин на огнот.
Ова ќе биде последната парада по повод Денот на падот на Бастилја за францускиот претседател Емануел Макрон, чиј втор последователен претседателски мандат завршува во пролетта 2027 година.
На свеченоста се поканети и претставници на Европската Унија и НАТО.






