вторник, 9 јуни 2026

Трамп сакаше на странци да им наплаќа 100.000 долари за виза, судот сега му ја поништи мерката

Федерален судија денеска ја поништи таксата од 100.000 долари што американскиот претседател Доналд Трамп ја воведе за новите визи Х-1Б наменети за висококвалификувани странски работници.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Судијата пресуди дека станува збор за незаконски данок за кој Конгресот никогаш не дал одобрение.

Одлуката е донесена во Бостон во рамките на тужбата што ја поднесоа 20 државни обвинители од Демократската партија, оспорувајќи ја мерката што Трамп ја најави во септември 2025 година, пишува Ројтерс.

Американскиот окружен судија Лео Сорокин пресуди против администрацијата на Трамп, која тврдеше дека таксата е законска казна. Администрацијата се повикуваше на федералниот закон за имиграција, кој му дава овластување на претседателот да го ограничи влезот на странски државјани ако процени дека тоа е „штетно за интересите на Соединетите Американски Држави“.

Сепак, судијата Сорокин, именуван од поранешниот, демократски претседател Барак Обама, заклучи дека таксата не е казна, туку данок, за чие воведување републиканскиот претседател немал овластување од Конгресот. Поради тоа, оцени дека Стејт департментот и Службата за државјанство и имиграција не можат да ја спроведуваат.

„Суштината и примената на уплатата од 100.000 долари откриваат дека станува збор за данок, без оглед на тоа како се нарекува таа уплата“, напиша Сорокин во пресудата.

Притоа, судијата се повика на одлуката на Врховниот суд од февруари годинава, со која беа поништени обемните царини на Трамп воведени врз основа на закон предвиден за вонредни ситуации. Следејќи ја логиката на таа пресуда, Сорокин заклучи дека Трамп ниту според имиграцискиот закон нема овластување да воведува ваков данок.

Портпаролката на Белата куќа Тејлор Роџерс изјави дека администрацијата на Трамп е уверена оти одлуката на Сорокин ќе биде поништена по жалбената постапка.

„Претседателот Трамп има јасни законски овластувања да го ограничи влезот на која било група странци за која ќе утврди дека не е во најдобар интерес на Америка, и токму тоа го направи“, порача таа.

Програмата за визи Х-1Б овозможува издавање 65.000 визи годишно, со дополнителни 20.000 за работници со дипломи од високо образование. Визите се издаваат за период од три до шест години и на нив во голема мера се потпираат технолошките компании.

Пред одлуката на Трамп, работодавците плаќаа меѓу 2.000 и 5.000 долари за добивање виза за странски работник, во зависност од околностите. Новата такса не требаше да се применува на визите за странски државјани што веќе се наоѓаат во САД со студентски визи, а кои сочинуваат голем дел од новите корисници на визите Х-1Б.

Според судските документи, драстичното зголемување на таксата ги обесхрабрило апликантите. До 15 февруари годинава, Службата за државјанство и имиграција примила само 85 уплати на таксата од 100.000 долари.

Администрацијата на Трамп, исто така, наложи построги проверки на апликантите за визите Х-1Б и предложи нов систем на избор што би им давал предност на висококвалификуваните и подобро платените работници.

Воведувањето на таксата од 100.000 долари поттикна најмалку три судски постапки.

Меѓу нив е и тужбата на Американската стопанска комора, која поднесе жалба на одлуката на судија во Вашингтон од декември 2025 година. Тој судија тогаш ги отфрли нивните тврдења дека Трамп немал овластување да ја воведе спорната такса.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ