вторник, 9 јуни 2026

На конференцијата на ЕПП во Сараево потпишана декларација за патот на БиХ кон членство во ЕУ

На првиот ден од конференцијата „ЕПП – Студиска посета и конференција за проширувањето на Европската Унија: семејството на ЕПП во регионот на Западен Балкан“, што се одржа во Сараево, партиите што ѝ припаѓаат на Европската народна партија (ЕПП) потпишаа заедничка декларација за патот на Босна и Херцеговина кон членство во Европската Унија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Декларацијата ја потпишаа претседателот на ЕПП Манфред Вебер, директорот на Фондацијата Конрад Аденауер во БиХ Штефан Рабе, претседателот на СДА Бакир Изетбеговиќ, лидерот на ХДЗ БиХ Драган Човиќ, претседателот на ПДП и градоначалник на Бања Лука Драшко Станивуковиќ, претседателот на ХДЗ 1990 Илија Цвитановиќ и претседателот на СДС Бранко Блануша.

Бакир Изетбеговиќ му се заблагодари на Манфред Вебер за посетата на Босна и Херцеговина и за поддршката што ЕПП им ја дава на своите членки во земјата и регионот. Тој истакна дека СДА се потпира на бошњачката традиција и култура и дека Бошњаците, заедно со другите муслимански народи во Европа, се составен дел од европскиот идентитет.

Говорејќи за европските вредности, Изетбеговиќ нагласи дека европската култура не е изградена исклучиво врз јудео-христијанското наследство, туку и врз пошироките аврамски вредности и традиции.

„Потпишаната декларација, меѓу другото, ја нагласува заедничката загриженост поради постојаните напади врз Уставот на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот мировен договор“, рече Изетбеговиќ.

Според него, документот ја потврдува поддршката за мирот, стабилноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на БиХ, како и потребата од спроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ и Европскиот суд за човекови права.

Во своето обраќање тој ја истакна и важноста на соработката меѓу партиите од БиХ што се дел од семејството на ЕПП.

„Најбрзиот и најуспешен постдејтонски мандат беше остварен во периодот од 2015 до 2019 година, кога токму овие партии дејствуваа обединето, односно кога бевме во коалиција. Усвојувавме реформи, напредувавме на европскиот пат, градевме инфраструктура и отворавме нови работни места. Босна и Херцеговина тогаш држеше чекор и ги стигнуваше своите источни соседи. По распадот на таа коалиција дојде до блокади, застој, назадување и заостанување. Земјата денес се наоѓа во претконфликтна состојба што сите ја чувствуваме“, рече Изетбеговиќ.

Конференцијата во Сараево е дел од активностите на Европската народна партија насочени кон поддршка на европските интеграции на земјите од Западен Балкан и се одржува на 8 и 9 јуни со учество на високи претставници од регионот и Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ