вторник, 9 јуни 2026

„Танцуваше под нас“: астронаутка на НАСА сними редок небесен спектакл од вселената

Астронаутката на НАСА Џесика Меир објави спектакуларна временска снимка од јужната поларна светлина (аурора аустралис), направена од вселенското летало „Драгон“ на Спејс-икс, додека екипажот орбитира околу Земјата.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„Оваа јужна аурора, предизвикана од неодамнешен сончев настан, за разлика од претходните што сум ги видела, танцуваше и се извиваше директно под нас, приредувајќи неверојатен спектакл. Восхитена сум од овој етеричен и емотивно моќен природен феномен“, напиша Меир на социјалната мрежа Икс.

Според податоците на НАСА и експертите за вселенско време, појавата е последица на неодамнешната зголемена сончева активност. При силни сончеви ерупции и исфрлања на наелектризирани честички од Сонцето, тие се судираат со магнетното поле и горните слоеви на атмосферата на Земјата, создавајќи ги познатите светлосни завеси над поларните области.

Од орбитата аурората изгледа сосема поинаку отколку од Земјата. Наместо светлечки завеси на хоризонтот, астронаутите гледаат огромен прстен од зелени и црвени нијанси, кој ја обвива планетата. На снимката на Меир се забележуваат блескави зелени бранови што се движат непосредно под вселенското летало, додека во заднината се гледа закривеноста на Земјата.

Меир моментално е дел од мисијата „Спејс-икс Кру-12“ на НАСА, која од февруари годинава престојува на Меѓународната вселенска станица. Мисијата се изведува со вселенското летало „Драгон“, развиено од Спејс-икс во рамките на програмата за комерцијален превоз на астронаути на НАСА.

Интересно е што снимката е објавена во период кога екипажот на станицата се соочува со дополнителни технички предизвици поврзани со истекување воздух во рускиот сегмент на Меѓународната вселенска станица. Меир истакна дека, и покрај тоа, астронаутите се безбедни и имале можност да уживаат во ова ретко и величествено небесно шоу.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ