„Дефинитивно, остануваме на ставот дека Клиничката болница во Скопје треба да се гради на платото пред базенот Борис Трајковски. Тоа е земјиште, кое е во приватна сопственост. Преговараме со приватниот сопственик и сакаме тука да го направиме сето тоа да може со подземен тунел да се поврзе со актуелната болница 8 Септември. Тука ни се ПЕТ-центарот и Поликлиниката Букурешт и тоа ќе биде еден целосен заокружен комплекс“, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите.
Тој додаде дека со сопственикот на оваа приватна парцела преговараат да се направи трампа земја за земја и да се види до каде ќе се стигне. Досега, како што рече, е задоволен од тоа како течат преговорите.
Мицкоски најави дека продолжува и реализацијата на изградбата на клиничката болница во Штип заедно со медицински факултет и студентски дом, како и клиничката болница во Тетово и здравствен дом со проширена дејност во Кичево.






