понеделник, 8 јуни 2026

Марјан Даскаловски поднесе оставка од функцијата прв човек на СДСМ во Струмица

Марјан Даскаловски, долгогодишниот функционер на СДСМ од денеска повеќе не е претседател на општинската организација (ОО) на партијата во Струмица. Тој попладнево на неговиот фејсбук профил напиша дека донел одлука и поднел оставка до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со што се повлекува од функцијата претседател на ОО на СДСМ Струмица.

Објавено на

часот

Сподели

„Оваа одлука ја носам со мирна совест и чисто срце, водена пред сè од лични причини.
Изминатиот период беше исполнет со многу работа, заеднички победи, но и предизвици со кои се соочувавме секогаш со крената глава и со мисла за доброто на Струмица. Сакам да упатам огромна и искрена благодарност до сите членови, симпатизери, активисти и до моите најблиски соработници за огромната поддршка, довербата и енергијата што ја вложивме заедно. Чест ми беше да ја предводам оваа организација и да работам со луѓе кои искрено го сакаат својот град. На идниот претседател и на новото раководство им посакувам многу успех, мудрост и нова енергија во водењето на партијата на локално ниво. Јас останувам тука, како пријател и поддржувач, секогаш подготвен да помогнам со своето искуство и знаење секаде каде што е потребно“, напиша Даскаловски на фејсбук.

По јавната објава на Даскаловски дека поднесува оставка од функцијата, првата реакција стигна од поранешниот градоначалник на Струмица и критичар на актуелните политики на матичната партија, Костадин Костадинов.

„Првиот, но важен чекор е направен! Ја поздравувам одлуката за избор на нов претседател на СДСМ Струмица. ​Речиси цела година упорно укажував на грешките и говорев за потребата од реформи. Оваа одлука е сигнал дека гласот на оние кои бараат промени конечно можеби се слуша. Бастионот на социјалдемократијата има шанса да се консолидира! ​Нема повеќе време за чекање и калкулации. Време е за нова енергија на терен и враќање на довербата но и со програма на реална основа!“, напиша Костадинов на неговиот фејсбук профил.

Марјан Даскаловски е долгогодишен член и функционер на СДСМ во Струмица. Во повеќе мандати бил советник и претседател на Советот на Општина Струмица. До денеска беше претседател на Општинската организација на СДСМ во Струмица. Во јули 2025 година СДСМ официјално го промовираше Марјан Даскаловски за кандидат за градоначалник на Струмица на локалните избори. Во моментот на кандидатурата тој беше претседател на Советот на општината и претседател на локалната партиска организација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ