„Одржуваме редовен и содржаен политички дијалог на сите нивоа и немаме отворени билатерални прашања. Во денешните геополитички околности тоа претставува редок и позитивен пример во нашиот регион – истакнал министерот Муцунски на заедничката прес-конференција по средбата“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Соговорниците разговарале за актуелните политички состојби во регионот, европската интеграција и политиката на проширување на Европската Унија. Притоа било нагласено дека проширувањето претставува стратешки интерес и за земјите од Западен Балкан и за самата Европска Унија, особено во услови на засилени геополитички предизвици.
„Нашите две држави ги поврзуваат заеднички стратешки цели, пред сè европската перспектива на регионот, како и заедничката определба за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и Европа“, нагласил Муцунски.
Во разговорите била потврдена и подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка, пред сè на економски план. Била истакната потребата од почести бизнис-форуми, подобрување на транспортната поврзаност и повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево.
„И покрај одличните политички односи, постои значителен простор за унапредување на економските врски меѓу двете земји. Во таа насока, иницираме организирање бизнис-форуми, надминување на оперативните предизвици во транспортот и подобрување на транспортната поврзаност, вклучително и преку повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево“, истакнал Муцунски.
Соговорниците размениле мислења и за актуелните безбедносни предизвици во регионот, при што била нагласена важноста од зачувување на стабилноста, суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина нво согласност со Дејтонскиот мировен договор.
„Цврсто стоиме зад суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина. Почитувањето на државните симболи и меѓународно признатиот субјективитет на БиХ останува наш принципиелен и конзистентен став“, изјавил Муцунски.
Осврнувајќи се на евро-атлантската перспектива на Босна и Херцеговина, министерот Муцунски нагласил дека Македонија како како земја членка на НАТО силно ги поддржува евро-атлантските аспирации на БиХ и напорите за спроведување на реформите во соработка со алијансата и меѓународните партнери.
„Истовремено, сметаме дека ангажманот на НАТО и Европската Унија, заедно со присуството на ЕУФОР – „Алтеа“ и Канцеларијата на високиот претставник, остануваат од суштинско значење за зачувување на стабилноста, безбедноста и целосната имплементација на Дејтонскиот мировен договор“, нагласил Муцунски.
Во соопштението се додава дека била потенцирана и важноста од меѓусебната поддршка во рамките на актуелните кандидатури во меѓународните организации и форуми.
„Убеден сум дека денешните разговори ќе дадат нов импулс во натамошното јакнење на нашето партнерство и пријателство, засновано на доверба, меѓусебна поддршка и заедничка визија за стабилен, безбеден и економски просперитетен регион“, истакнал Муцунски.
Двајцата министри ја потврдиле подготвеноста за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог, економската соработка и партнерството меѓу двете пријателски земји.






