вторник, 9 јуни 2026

Рама: Големите соништа секогаш предизвикуваат контроверзии

Албанија ќе продолжи со реализацијата на луксузното одморалиште што на оддалечен дел од балканскиот брег го планира зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и покрај упорните протести поради влијанието на проектот врз животната средина, изјави денеска за Ројтерс албанскиот премиер Еди Рама.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Илјадници луѓе излегоа на улиците на Тирана и на јужниот брег на земјата, каде што е планирано одморалиштето, барајќи проектот да биде запрен поради неговото влијание врз заштитеното мочуришно подрачје, кое е живеалиште на фламинга, фоки и место каде што морските желки ги положуваат своите јајца.

Фламингото стана симбол на движењето, а демонстрантите носат розови фламинга на надувување и транспаренти со натпис „Фламинго револуција“.

Рама не попушта и вели дека инвеститорите во наредните месеци ќе ја „воодушеват“ јавноста со своите планови и дека делови од одморалиштето би можеле да бидат отворени за посетители пред крајот на деценијата.

„Ви велам, тоа ќе биде прекрасен проект и ќе го реализираме, а ќе бидеме горди што придонесуваме за Европа“, рече Рама во интервјуто за Ројтерс во својот кабинет, на само неколку метри од местото каде што секоја вечер се одржуваат протести против проектот.

„Избран сум за да ги остварувам ваквите работи. Не сум избран за да ме водат луѓе што имаат поинаква идеја за тоа како треба да се развива земјата“, додаде тој.

Рама (61), поранешен кошаркар и уметник, кој дојде на власт во 2013 година и настојува да ја внесе Албанија во Европската Унија, се гордее што ја предводи модернизацијата на земјата, која до деведесеттите години живееше под особено репресивна комунистичка диктатура.

Тој негува неформален стил на облекување – носи широк црн костум, црна маица и бели патики. Неговиот кабинет наликува на модерен креативен простор, украсен со негови слики, со чинии полни со боички и фломастери и работна маса покриена со цртежи и скици.

Одморалиштето што го поддржува е замисла на Џаред Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп, која раскажала дека се вљубила во Албанија за време на пловидба со брод пред неколку години. Рама ги запознал на тоа патување и ги опиша како „многу фини, скромни… добри луѓе“.

Инвестициската компанија на Кушнер, Афинити партнерс, сега е вклучена во проект вреден 1,4 милијарди евра во близина на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, како и во уште еден проект на блискиот остров Сазан.

Рама изјави дека двата проекти заедно вредат до пет милијарди евра.

„Тоа е голем сон, а големите соништа отсекогаш предизвикувале контроверзии.“

Афинити партнерс и Кушнер не одговориле на барањата за коментар. Компанијата Сазан риал естејт девелопмент, која ги подготвува проектите, му соопштила на Ројтерс дека ќе работи одговорно.

Протестите почнаа кон крајот на мај, кога локацијата во близина на Вјоса-Нарта беше затворена со боцкава жица поради изградба на пристапен пат и други подготвителни работи. Дел од демонстрантите беа повредени во судири со приватното обезбедување, а незадоволството потоа се прошири и во Тирана.

Оградата во меѓувреме е отстранета. Рама призна дека нејзиното поставување било „срамна идеја“.

Сепак, тој ги негира стравувањата за влијанието врз животната средина. Изјави дека проценката на влијанието врз животната средина сè уште не е завршена и дека ќе биде изработена паралелно со развојот на проектот.

„Многу сме горди со она што го направивме за дивиот свет во Албанија. Европската комисија нема причина да се сомнева во нашата цврста волја да заштитиме сè што треба да биде заштитено кога станува збор за природата и дивиот свет“, изјави Рама.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ