недела, 24 мај 2026

Украински медиуми: Русија ја гаѓаше Киевската област со ракета „орешник“

Русија го погоди регионот Киев, кој го опкружува главниот град на Украина, со хиперсонична балистичка ракета „орешник“ со среден дострел, објавија денес два украински медиуми, повикувајќи се на портпаролот на украинските воздухопловни сили, пренесува Ројтерс.

Објавено на

часот

Сподели

Украинското воено воздухопловство објави на социјалните мрежи дека Русија лансирала 600 дронови и 90 ракети во нападот, и дека една од ракетите била балистичка ракета со среден дострел, без да го наведе нејзиното име.

Русија синоќа изврши масовен напад со ракети и дронови врз главниот град на Украина, Киев, при што загинаа четири лица, а десетици се повредени во градот и околината, соопштија властите.

Експлозиите одекнаа во Киев малку по полноќ, откако украинските воздухопловни сили предупредија на Телеграм дека Русија може да лансира хиперсонична балистичка ракета „орешник“.

Воздухопловните сили не одговорија на барањето за коментар дали „орешник“ погодила некои цели за време на нападот.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека две лица се убиени, а 56 се повредени во нападите врз градот, од кои 30 се хоспитализирани. Исто така, беше пријавена одредена штета на историскиот Плоштад на независноста.

„Беше ужасна ноќ за Киев“, напиша Кличко на Телеграм од местото на еден од нападите. „Спасувачите моментално ги гаснат пожарите и ги расчистуваат урнатините. Лекарите им помагаат на повредените.“

Многу жители побараа засолниште во метро станиците во текот на ноќта. Наталија Зварич (62) кажа дека се упатила кон најблиската станица штом експлозиите почнале да го тресат градот.

„Беше ужасно, застрашувачко“, кажа таа. „Седиме тука повеќе од три часа и ги слушаме експлозиите горе.“

Шефот на градската воена управа кажа дека повеќе од 40 локации во градот се оштетени.

Напади се регистрирани и во други делови на Украина. Уште две лица загинале, а девет се повредени во нападите врз пошироката област на Киев околу главниот град, кажа регионалниот гувернер Микола Калашник.

Додека сонцето изгревало, црн чад од неколку пожари се кревал над хоризонтот, оставајќи остар мирис во делови од градот. Пожарникарите ги гаснеле пламените во оштетените згради со црева, додека спасувачите ги евакуирале повредените.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски вчера предупреди дека Русија подготвува напад врз Украина со ракетата „орешник“, повикувајќи се на разузнавачки информации од Украина, САД и Европа.

Русија веќе двапати ја нападна Украина со „орешник“, ракета со дострел од неколку илјади километри која може да носи нуклеарна боева глава. Рускиот претседател Владимир Путин се пофали дека е невозможно да се пресретне поради нејзината наводна брзина поголема од 10 пати поголема од брзината на звукот.

Предупредувањето на Зеленски дојде откако Путин ѝ нареди на војската да подготви опции за одмазда против Украина поради нападот со беспилотни летала во петокот врз студентски дом во регионот Луганск во источна Украина кој е под руска контрола.

Украинската војска ги негираше обвинувањата и тврди дека целта била руска командна единица со беспилотни летала.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ