Одбраната од балистички ракети е еден од најголемите предизвици за Украина во војната со Русија, бидејќи само одредени видови ракети кои ги користи американскиот систем „патриот“ можат да пресретнат руски балистички ракети, пишува Ројтерс.
Русија користи балистички ракети за напади врз енергетската инфраструктура на Украина, уништувајќи термоцентрали и системи за пренос на електрична енергија кои ги користат украинските оружени сили.
„Верувам, и моја идеја е дека треба да имаме европски систем за антибалистичка ракетна одбрана. Разговараме со неколку земји и работиме во таа насока“, изјави Зеленски за националниот телевизиски канал Маратон.
„Мораме да изградиме свој систем за антибалистичка ракетна одбрана во рок од една година“, додаде тој.
Зеленски кажа дека оваа задача е исклучително тешка, но остварлива, и изјави дека веќе разговарал за тоа со клучните европски земји, но не ги именуваше.
Меѓутоа, Фајр поинт, производителот на крстосувачката ракета „фламинго“ на Украина, овој месец соопшти за Ројтерс дека е во преговори со европски компании за лансирање на нов систем за воздушна одбрана до следната година, што би создало поевтина алтернатива на системот „патриот“, кој е сè потешко да се добие.
Ракетите за системот „патриот“ се сè поретки поради нивното широко распоредување во Персискиот залив за одбрана од иранските напади. Единствениот европски антибалистички систем, италијанско-францускиот САМП/Т, се произведува во релативно мали количини.






