понеделник, 7 јули 2025

Трамп: Путин само сака да продолжи да убива луѓе

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на Украина ќе ѝ бидат потребни ракети „патриот“ за одбрана по разговорот со претседателот Володимир Зеленски во петокот и изрази незадоволство од одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да ги запре борбите.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Трамп им рече на новинарите во авионот Ер Форс Уан дека имал добар разговор со Зеленски, повторувајќи дека е „многу незадоволен“ од разговорот со Путин претходниот ден, со оглед на, како што го нарече, одбивањето на рускиот лидер да работи на прекин на огнот.

Запрашан дали Соединетите Држави би се согласиле да достават повеќе ракети „патриот“ на Украина, како што побара Зеленски, Трамп рече: „Ќе им треба за одбрана… Ќе им треба нешто затоа што се погодени прилично силно“.

Трамп ја пофали ефикасноста на ракетите „патриот“, за кои рече дека се „прилично неверојатни“.

На прашањето за изгледите за прекин на огнот, Трамп изјави: „Тоа е многу тешка ситуација… Бев многу незадоволен од мојот разговор со претседателот Путин. Тој сака да оди до крај, само да продолжи да убива луѓе – тоа не е добро“.

Зеленски рече дека се согласил да работи на зголемување на способноста на Киев да „го брани небото“ додека руските напади ескалираат, додавајќи во порака на Телеграм дека разговарал за заедничко производство на одбрана со американскиот лидер, како и за заеднички набавки и инвестиции.

Украина побара од Вашингтон да ѝ продаде повеќе ракети и системи „патриот“, кои ги смета за клучни за одбрана на своите градови од засилените руски воздушни напади.

Одлуката на Вашингтон да запре некои испораки на оружје за Украина поттикна предупредувања од Киев дека овој потег ќе ја ослабне неговата способност да се брани од руските воздушни напади и да напредува на бојното поле. Германија соопшти дека е во преговори за купување системи за воздушна одбрана „патриот“ за да се премости јазот.

Трамп рече дека разговарал и со германскиот канцелар Фридрих Мерц за барањето на Украина за ракети „патриот“, но дека не е донесена одлука за испорака на напредните ракети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ