Како што информираат од Градот, активностите се спроведуваат согласно Годишната програма за дезинсекција, Законот за заштита на населението од заразни болести и Елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје.
Во изминатиот период биле реализирани повеќе третмани за сузбивање на ларвите и возрасните форми на комарците, согласно утврдената динамика и стручните препораки.
Дезинсекцијата против ларви е спроведена на 7 мај и 11 јуни со авионско прскање, на 26 јуни и 23 јули со теренска дезинсекција, како и на 10 јули повторно со авионски третман.
Во меѓувреме, против возрасните комарци беа реализирани авионски третмани на 1 и 2 јуни, како и на 27 и 28 јуни, додека теренска дезинсекција беше спроведена на 18 и 20 јуни, како и на 13 и 15 јули.
Од Град Скопје посочуваат дека, доколку временските услови не дозволат реализација на планираната авионска дезинсекција на 30 и 31 јули, третманот ќе биде одложен за првиот нареден ден со поволни услови, а јавноста ќе биде навремено известена.
„Градот Скопје континуирано ги спроведува сите активности во согласност со законските прописи и стручните препораки, со цел намалување на популацијата на комарците и заштита на јавното здравје“, наведуваат од Градот.
Оттаму додаваат дека остануваат посветени на навремено и ефикасно спроведување на сите мерки што придонесуваат за заштита на здравјето и подобар квалитет на живот на граѓаните.





