„Водата се пушти во саботата, бевме на терен и проверивме дека сè е во ред. Попатно немаме загуби на вода, браната Паљурци е полна, така што нема потреба за таму да се полни. Имаше еден вентил со кој долевавме вода во браната, и тој се санираше, така што сега е во ред. Ни беа потребни 20 часа за да го наполниме цевководот, бидејќи беше празен со оглед на тоа што шест месеци не работеше системот. Обично по прекин на работата во период од 10 до 15 дена, побрзо се полни цевководот, но сега се работеше за подолг период и затоа беше потребно повеќе време“, објаснија од Хидросистемот “Ѓавато”.
Оттаму велат дека август и септември се месеците кои низ годините наназад биле најкритични за Дојранското Езеро, бидејќи тогаш се случуваат најголеми испарувања поради високите температури и отсуството на врнежи.
Според последните информации од Управата за хидрометеоролошки работи, моменталното ниво на езерото изнесува 145,26 метри надморска височина, а договорениот минимум е 146,13.





