„Мислам дека ги вративме децении наназад. Поминаа низ пекол… Последното нешто што сакаат да го направат сега е повторно да збогатуваат“, рече Трамп, додавајќи: „Тој удар ја запре војната“.
Трамп повторно ги бранеше своите тврдења дека се работи за целосно уништување на капацитетите на Иран. „Ако нивните локации не беа уништени, Техеран немаше да се согласи на прекин на огнот“, рече тој. Во врска со конфликтот меѓу Израел и Иран, тој рече: „Тоа е како две деца на игралиште – ги оставате да се тепаат две-три минути, а потоа лесно ги раздвојувате“.
Американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио исто така ги бранеше нападите и се обиде да го оспори извештајот на американските разузнавачи според кој нападите ја вратиле програмата на Иран за најмногу неколку месеци назад.
„Тој извештај се базира на она што го кажува лицето кое ги протече податоците. Тоа е игра што ја играат овие луѓе“, рече Рубио.
Тој додаде дека бил погоден „објект за конверзија“ неопходен за производство на нуклеарно оружје, велејќи дека него „веќе го нема“ и дека „сè под таа планина е во лоша состојба“. Според него, Иран денес е „далеку од она“ каде што беше пред една недела.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте исто така, го поддржа Трамп, нарекувајќи го нападот „импресивен“ и велејќи: „Соединетите Американски Држави ги уништија нуклеарните капацитети на Иран. Овој напад испраќа порака на сила до светот“.
Трамп исто така го искористи своето обраќање за уште еднаш да ги нападне американските медиуми за известувањето за протекувањето на класифицирани информации. Тој конкретно ги издвои Си-ен-ен и Њујорк Тајмс, опишувајќи ги како „ѓубриња“. Бранејќи ја употребата на терминот „уништување“ (obliteration) за да се опише штетата на иранските локации, тој рече дека тоа е „силен збор“, но дека и Израел го користел.
Тој исто така откри дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, кој му понудил да му помогне со Иран. „Му реков: помогнете ни со Русија, а не со Иран“, рече Трамп.
Зборувајќи за Газа, Трамп тврдеше дека американската администрација е блиску до постигнување договор и дека нападите врз Иран дополнително го забрзале тој процес. „Бевме многу блиску до договор за Газа и претходно. Мислам дека ова помогна“, заклучи тој.