Иран, САД и Пакистан, кој посредува во преговорите, во саботата го потврдија напредокот во преговорите за прекин на речиси тримесечниот конфликт. Во интервју за Си-би-ес њуз Трамп ги нагласи своите услови. „Ќе потпишам само договор со кој ќе добиеме сè што сакаме“, рече тој.
Во посебно интервју за Аксиос, Трамп објави дека денес ќе разговара за најновиот нацрт-договор со Иран со советниците. Тој додаде дека може да донесе одлука дали да ја продолжи војната уште во недела. „Или ќе склучиме добар договор или ќе ги разнесам на парчиња“, рече Трамп, пренесува Аксиос.
Од почетокот на примирјето, објавено пред шест недели, Трамп се движи помеѓу дипломатија и закани за воена акција. Примирјето беше воведено за да им се овозможи на страните да постигнат договор за нуклеарната програма на Иран и повторното отворање на Ормускиот теснец, клучниот поморски пат за снабдување со нафта и гас под контрола на Техеран.
Трамп кажал за Аксиос дека ќе се сретне со врвни советници подоцна во текот на денот за да разговара за најновиот предлог на Иран, пишува Си-ен-ен. На состанокот би требало да присуствуваат претставникот Стив Виткоф, советникот Џаред Кушнер и потпретседателот Џеј Ди Венс, а американскиот претседател најави разговори со лидерите на земјите од Персискиот Залив, Пакистан, Турција и Египет за понатамошни дипломатски чекори.
Државниот секретар на САД Марко Рубио за време на посетата на Њу Делхи изјави дека преговорите продолжуваат зад кулисите и дека Вашингтон останува фокусиран на целта Иран да не развива нуклеарно оружје. „Дури и додека зборуваме сега, се работи на нешто“, кажа Рубио, додавајќи дека постои можност за нови најави уште за време на викендот.
Техеран порача дека целта на разговорите е финализирање на меморандумот за разбирање со посредство на Пакистан. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаеи изјави дека документот вклучува прашања за завршување на војната, поморската блокада на САД и одмрзнување на иранските средства во странство. Тој додаде дека позициите на двете страни се приближиле во последните денови, но дека клучните отворени прашања сè уште остануваат нерешени.
Регионални извори изјавиле за Си-ен-ен дека меѓу медијаторите постои „претпазлив оптимизам“ и дека разговорите се движат „во позитивна насока“. Во исто време, иранските претставници продолжуваат да испраќаат поостри пораки.
Главниот преговарач на Иран Мохамед Багер Галибаф изјави дека Иран „нема да се откаже од правата на својата држава“, предупредувајќи дека евентуалното повторно почнување на конфликтот за САД би имало „посериозни последици отколку на почетокот на војната“. Во исто време, член на иранскиот Комитет за национална безбедност Фада Хусеин Малеки оцени дека страните се приближуваат кон конечен договор, иако „сè уште постојат предизвици“.






