Распродажбата го погоди Волстрит, каде што главните берзански индекси забележаа мешано отворање, додека инвеститорите останаа претпазливи поради загриженоста во банкарскиот сектор. Овие загрижености дополнително се зголемија со ескалацијата на трговските тензии меѓу Соединетите Американски Држави и Кина и обновените стравувања за глобалните економски перспективи.
Изложеноста на банкарскиот сектор на два неодамнешни банкроти на американски автомобилски компании повторно ги разгоре загриженоста за стандардите за кредитирање, повеќе од две години по пропаѓањето на банката Силиконска долина. Потоа високите каматни стапки доведоа до огромни загуби на нејзините обврзници и предизвикаа глобална распродажба на банкарските акции.
Инвеститорите сега се обидуваат да проценат дали неодамнешните проблеми на американските кредитни пазари ќе имаат сличен ефект. Распродажбата почна преку ноќ на Волстрит се прошири низ Азија и Европа, фрлајќи сомнеж врз неодамнешниот раст предводен од вештачката интелигенција на пошироките берзи, за кој некои стравуваат дека можеби создал меур.
Некои аналитичари веруваат дека, во оваа фаза, загриженоста за регионалните банки во САД изгледа специфична за тие институции, а не знак за нешто посистемско.
„Одредени делови од американскиот банкарски сектор, вклучувајќи ги и регионалните банки, му дадоа на пазарот причина за загриженост“, вели Рас Моулд, главен инвестициски директор во Еј Џеј Бел. „Тоа ги вклучува Зионс кои пријавија неочекувана загуба на два кредита и Вестерн алаенс кои тврдат дека заемопримачите се измамени.“
Некои од најголемите американски банки паднаа денес, завршувајќи ја неделата, која инаку беше обележана со силна заработка, со мрачна нота.
Економскиот советник на Белата куќа Кевин Хасет денес изјави дека банките имаат доволно резерви и дека е оптимист дека кредитните пазари можат да се кренат. Во интервју за Фокс бизнис тој додаде дека претставниците на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, предводени од секретарот за финансии Скот Бесант и Мишел Боуман од Федералните резерви, „во моментов ги средуваат проблемите“, без да дадат дополнителни детали.
„Она што го гледаме со банките кои продаваат преку ноќ во САД, Азија се буди со тоа, Европа се буди со тоа, и затоа се шири“, кажа Џејмс Роситер, раководител на глобалната макро стратегија во ТД секјуритис.
Европските банки паднаа за речиси 3 отсто, при што Дојче банк и Барклис паднаа за околу 6 отсто, а Сосиете женерал за 4,6 отсто. Падот дојде откако финансиските фирми во Азија, исто така, потонаа, особено јапонските банки и осигурителите.
Акциите на европските банки (.SX7P) пораснаа за околу 40% од почетокот на годината. Во меѓувреме, златото достигна нов рекорден максимум.
Американските банки позајмија речиси 15 милијарди долари од централната банка Федерални резерви во среда и четврток, што укажува на тешкотии во исполнувањето на обврските на финансирање. Тоа беше најголемото задолжување во период од два дена од пандемијата на ковид-19. Фед има мрежа за безбедност на ликвидноста за потенцијални недостатоци на финансирање.
„Пазарот е загрижен за приватниот кредитен балон што се создаваше во последните неколку месеци“, вели Алан Девлин, аналитичар за глобални финансиски истражувања во Импакс асет менаџмент. „Пазарот во основа прво пука, а потоа поставува прашања“.






